Полициски службеници од ПС Кисела Вода го лишија од слобода Г.С.(43) од Скопје, веднаш по добиената пријава на 10 декември 2025 година во 23:45 часот од страна на А.М., водител на емисија на порталот Инфомакс, кој во СВР Скопје пријави дека во редакцијата на порталот, лоцирана на ул. „Востаничка“ во Скопје, машко лице влегло во редакцијата, додека траела програмата во живо, оштетило две врати и го попречувало емитувањето на емисијата, во која гостин бил поранешниот градоначалник С.Ј., а биле присутни и водителот М.Н. и камерман.
– Подоцна е утврдено дека станува збор за лице со здравствени проблеми, кое претходно било спроведувано во Психијатриска болница Бардовци. По целосно расчистување и документирање на случајот, против Г.С. ќе биде поднесена кривична пријава по брза постапка. Министерството за внатрешни работи и во иднина брзо и неселективно ќе ги санкционира сите случаи на напади на новинари или друго нарушување на јавниот ред и мир и против сторителите ќе бидат поднесени соодветни пријави – велат од МВР.
ССНМ: Нападите врз медиумите се недозволиви, институциите итно да реагираат
Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) остро го осудува синоќешниот насилен упад во редакцијата на Инфомакс и бара неодложна реакција на институциите. Нападите врз новинарите и медиумските работници, а особено напади директно во редакции претставуваат сериозна закана за слободата на изразување и правото на граѓаните да бидат информирани.
Според пријавата од Инфомакс, вчера доцна вечерта додека во живо одел поткастот „Тешки муабети“, непознато лице упаднало во редакцијата кршејќи неколку врати, се заканувало и се обидело физички да се пресмета со новинарите.
„Лицето најпрво почна да навредува, да се заканува по живот за потоа да ја скрши вратата од дворот која е со шифра, а потоа ја скрши и влезната врата од студиотo каде се обиде физички да се пресмета со присутните“, објави Инфомакс.
Според уредникот на Инфомакс, Александар Митовски била повикана полиција, а против напаѓачот ќе биде поднесена кривична пријава за напад врз службено лице.
Напад врз новинари и медиумски работници, како и попречување на нивната работа за известување на јавноста потпаѓа под член 382 од Кривичниот законик – Спречување службено лице во вршење службено дејствие. За дела кои ги опфаќа овој член предвидени се казни до три години затвор.
ССНМ предупредува дека ваквите напади претставуваат не само опасност за физичката безбедност на новинарите и медиумските работници, туку претставуваат и напад врз јавниот интерес и слободата на говор и на изразување кои се столбови на демократските општества.
-Ги повикуваме институциите ефикасно и брзо да реагираат и во понатамошниот дел од постапката, бидејќи неказнивоста на вакви дела против слободата на медиумите претставува охрабрување на понатамошни напади и создава небезбедна атмосфера за работа на новинарите и медиумските работници – велат од ССНМ.

































