Фото: МТСП

Отвораме процес на инклузивен дијалог за справување со негативните демографски трендови, процес што не е предизвик само за нашата држава туку и за голем дел од земјите на ЕУ и други во светот, изјави министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани.

Министерот Лимани најави финансиска помош и даночни ослободувања кои ќе бидат во функција на националните демографски политики.

– Предизвиците бараат заеднички координативен одговор и затоа почнуваме конструктивен процес за градење демографска отпорност на нашата држава. Преку партнерство со институциите, стопанските комори, синдикатите, академската заедница и граѓанскиот сектор можеме да обезбедиме стабилна иднина за нашата држава. Демографската обнова мора да биде севкупна, да ги опфати популациските, миграциските, семејно станбените, економските, социјалните, даночните и регионалните аспекти. Нашата мисија е јасна, да изградиме држава во која секој млад човек гледа иднина, секој постар човек чувствува грижа, а секој граѓанин е дел од решението – посочи министерот Лимани.

Во изјава за медиумите, министерот за социјална политика, демографија и млади, издвои дел од мерките кои министерството планира да ги воведе во наредниот период.

– Планираме зголемување на еднократна финансиска поддршка за првородено дете, драстично зголемување на еднократна финансиска поддршка за второ дете, воведување еднократна финансиска поддршка за родени близнаци, планираме поврат на данок на личен доход, создавање можност за секоја жена без разлика на имотната состојба или бројот на децата да добие шест бесплатни инвитро оплодувања, намалување на листата за чекање за сместување во детски градинки, даночно ослободување во висина од 30.000 евра за отворање на приватна детска градинка, се обврзуваме да понудиме неколку типови готови проекти за изградба на детски градинки, воведување асистенти и стручни соработници во детските градинки, а имаме и други владини мерки – нагласи министерот Лимани.

Демографијата е приоритет на македонската влада, изјави Владимир Ѓорчев, национален координатор за демографија, млади и човечки ресурси.

– Демографијата е приоритетите на оваа Влада и затоа за наредниот период објавуваме мерки кои што се релевантни и се однесуваат на демографијата. Сакаме да чуеме и предлози затоа што мислејќи за иднината не смееме да мислиме само за наредните два-три месеци, напротив треба да мислиме за наредните 10, 20 или 30 години, а во тој дел клучно е прашањето за демографските политики. Во таа смисла ние во моментов ги анализираме буџетските можности што ги имаме, владината програма е за четири години, а во делот на демографските политики има два фундаментални елементи, а тоа е намалување на иселувањето и да се зголеми фертилитетот. Во делот на намалување на иселувањето имаме цела низа инвестиции, Македонија за среќа оваа година во првиот квартел е со највисок раст на БДП во регионот. Во делот на помошта за семејствата важно е семејствата на 1 септември да добијат книги за своите деца, ќе има отворање на нови детски градинки и други мерки важни за поддршка на семејствата – изјави националниот координатор Владимир Ѓорчев.