Нашата визија е општество во кое секое дете има можност да расте во сигурна, грижлива и поттикнувачка средина, каде семејствата се поддржани, а младите охрабрени да ја градат својата иднина со надеж и самодоверба. Веруваме дека преку стратешка соработка, размена на знаења и заедничка посветеност можеме да создадеме инклузивна, праведна и одржлива заедница за сите. Денешниот Меѓународен ден на семејството е потсетник дека токму во семејството се темелат вредностите што го движат едно општество напред, порача денеска министерот за социјална политика, демографија и млади Фатмир Лимани.
Тој информира дека по повод Меѓународниот ден на семејството – 15 Мај заедно со амбасадорот на Турција во Северна Македонија Фатих Улусој ги реафирмираат нашите долгогодишни пријателски односи и нашата заедничка посветеност кон унапредување на семејството како основна вредност и столб на општеството.
– Семејството претставува извор на стабилност, љубов и солидарност, и затоа нашата соработка се фокусира на креирање политики што ќе го поддржат неговото јакнење – преку социјални услуги, поддршка за младите генерации и развој на инклузивни и одржливи мерки. Како институција, нашата основна задача е да обезбедиме поддршка за сите форми на семејства и да ги задоволиме нивните различни потреби. Во таа насока, Министерството активно спроведува низа значајни иницијативи со цел унапредување на заштитата на децата и поддршката на семејствата- изјави Лимани.
Потсети дека тоа се: имплементација на Европската детска гаранција, со акцент на еднаков пристап до основни услуги за најранливите деца, промоција на позитивно родителство, преку обуки, ресурси и поддршка за родителите, развој на систем за рана интервенција, насочен кон навремено препознавање и поддршка на деца со потешкотии во развојот, изработка на Национален акциски план за правата на децата (2025–2029), како стратешки документ за унапредување на детските права, законски измени за зајакнување на заштитата на децата, вклучувајќи формирање на специјализирано тело за следење на нивните права, унапредување на системот за згрижување, со отворање на нови центри за поддршка на згрижувачките семејства и изработка на нов Граѓански законик со што, како што рече, ќе се унапредат семејноправните односи и ќе се приближиме до европските правни стандарди.
Турскиот амбасадор Улусој информира дека со министерот Лимани разговарале за тоа како би можеле двете земји да соработуваат во насока на зачувување на семејството.
– Семејството како примарен столб на општеството е незаменлива институција, која нема алтернатива. Семејството обезбедува поддршка на поединецот преку создавање на неговиот прв општествен круг, обезбедува доверлива средина и игра многу важна улога во развојот на идентитетот – подвлече Улусој.
Тој соопшти дека со цел да се нагласи важноста и да се заштити единството и сплотеноста во семејството, како и да се даде севкупна поддршја на семејството наспроти постојните ризици, од страна на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган 2025 година беше прогласена за Година на семејството во Турција. Информира дека оваа година се организираат активности кои ќе обезбедат економски придобивки за заштита и зајакнување на семејството, ќе ја подигнат свеста и ќе придонесат за социо-културен развој на семејствата.