Левица ќе достави нова иницијатива за референдум против Договорот со Бугарија. Од партијата велат дека во текот на наредната недела ќе се знае како ќе биде формулирано референдумското прашање.
-Левица ќе поднесе нова иницијатива за референдум за Договорот против Бугарија – соопшти пратеникот Борислав Крмов на прес- конференција во Собранието.
Највисоките органи на партијата вчера дискутирале за оваа тема, но не прецизирале како ќе гласи референдумското прашање.
Крмов рече дека ако собранискиот претседател Талат Џафери ја отфрли и оваа иницијатива, заедно со ВМРО-ДПМНЕ најавуваат целосна блокада на Собранието.
-Не може да станува збор за неуставност за Договор што може да се укине од Влада со обичен писмен допис, а тоа го предвидува член 13 од Договорот за добрососедство на Бугарија. Ако Џафери се обиде да ја одбие и оваа иницијатива, Левица ќе премине на тотална блокада на Собранието. Имаме договор со ВМРО-ДПМНЕ и заедно ќе доведеме до целосна парализа на Законодавниот дом. Тоа значи блокирање на сите Комисии и на сите пленарни седници, односно ќе се преземат сите опции додека не застане Законодавниот дом и ова самоволие не се прекине – изјави Крмов.
Инаку, лидерот на Левица, Димитар Апасиев вчера повика на целосна блокада на Собранието поради односот на Џафери кој ја отфрли иницијативата за референдум и кажа дека тоа било спротивно на Уставот. Од ВМРО-ДПМНЕ рекоа дека спикерот се однесува како уставен судија.