Од крајот на 2021 година, кога опозицискиот бран резултираше со пораз на СДС на локалните избори – го живееме времето на широката коалиција, велат од Левица.
-Раководствата и функционерите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ никогаш не соработувале повеќе и не биле поблиски отколку сега. Двете најголеми партии кохабитираат на власт. Се чини, дека пред нас претстои уште едно крунисување на нивната плодна соработка, во доменот каде што тие се најсреќни и конструктивни меѓусебно – а тоа е градежништвото. Имено, во општина Гази Баба, ќе се гради урбанистичко чудовиште од 50.000 квадратни метри – 16 згради со по над 10 ката, на простор поголем од ИстГејт мол – проект од кој ќе профитираат единствено фирми блиски до раководствата на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, а на штета на жителите на Гази Баба и Скопје. Здружените фирми во овој бизнис подвиг, се познати имиња кои ги следат низа коруптивни скандали. Повеќе детали за фирмите до медиумите ќе пратиме преку партиско соопштение – реагираат од партијата.
Јасно е, велат од Левица, дека „ВМРО-ДПМНЕ после 7 години опозиција не бира средства да ја наполни партиската каса, додека за СДСМ овој ентузијазам на нивните пријатели од ВМРО-ДПМНЕ е добродојден, бидејќи им овозможува непречено одвивање на криминалните дејности“.
-Монструозните Детални урбанистички планови кои ги сервираат градоначалниците на ДПМНЕ, потврдуваат дека партијата никогаш не ги штитела народните интереси – туку работела само за интересите на олигархијата – и заедно со СДСМ им ја приредуваат мизеријата на жителите на Скопје и Република Македонија – додаваат од Левица.