Почна да функционира првата од низата најавени реформи во примарното здравство, со која матичните лекари може да препишуваат лекови за регулирање притисок и шеќер во крвта, за проблеми со тироидната жлезда, за белодробни болести и астма, а за кои досега пациентите мораа да одат на специјалист. Министерот за здравство, Фатмир Меџити, од ординација во скопски Сарај покажа дека системот со препишување рецепти веќе функционира.
-Од утрово функционира системот, и тоа не само на хартија. Функционира во најдобар ред за петте дијагнози, кои д-р Злате Мехемдовиќ ги претстави во понеделникот. Тоа се дијабетес, хипертензија, астма, ХОББ, хипотироидизам. Со ова ќе се растовари метежот во Клиничкиот центар и ќе им дозволиме на професионалците во секундарно, а особено во терциерното здравство да се посветат на својата работа и веќе да си направиме и наука. Целта ни е нашиот Медицински факултет да биде рангиран на Шангајската листа на некое повисоко ниво – рече министерот Меџити.
Д-р Мехмедовиќ, кој е координатор на проектот за реформи во примарното здравство, најави дека најдоцна за еден месец матичните лекари ќе може да ги даваат и упатите за лабораториски анализи за кои досега пациентите мораа да одат на специјалист, а ќе се разговара и за закажување кај матичен преку „Мој термин“.
-Ова е процес што ќе трае три години. Ништо нема да се случи преку ноќ и за сè е разговарано со матичните лекари. Гледате дека почетокот оди етапно, не ги дадовме сите реформи да се аплицираат уште од првиот ден кога ги најавивме на брифингот. Оставивме простор да се развие дискусија. Денес, почнуваат да се препишуваат рецептите, за кратко време ќе почнат да се даваат упатите, тоа ќе биде најмногу за еден месец. Една од работите за кои ќе се разговара до крајот на годината е можноста за закажување преку „Мој термин“. Ќе се разговара и за нови протоколи за проширување на изборот на лекови и за нови лекови на позитивната листа – рече Мехмедовиќ.
Протоколите за лекување, кои треба да ги следат матичните лекари, се веќе објавени во „Службен весник“. Министерот Меџити извести дека нивните досегашни анализи покажале дека речиси 30 отсто од пациентите што го посетуваат Клиничкиот центар доаѓаат за продолжување на терапијата или за услуги што со оваа реформа ќе може да ги добијат кај матичните лекари.