Фото: „Нова Македонија“

Во врска со случајот во ЈЗУ Клиничка болница „Д-р Трифун Пановски” – Битола, каде што докторка е осомничена за примање поткуп, Лекарската комора изразува длабока загриженост и најостро го осудува секое незаконско и неетичко постапување, особено кога тоа доаѓа од здравствен работник, истаканаа од Лекарската комора.

Комората, како регулаторно тело кое се грижи за угледот и интегритетот на лекарската професија, истакнува дека не треба да се толерираат никакви девијантни појави што го нарушуваат принципот на чесност и доверба меѓу пациентите и лекарите, стои во соопштението.

Од таму додаваат дека Лекарската комора во целост ги поддржува институциите на системот во нивната работа за расчистување на овој случај и очекува навремена и транспарентна истрага. Постапката пред надлежните органи треба да ги утврди сите факти и да обезбеди соодветна одговорност.

Сакаме да нагласиме и дека се работи за индивидуален чин кој не ја одразува посветеноста и професионалноста на најголемиот број лекари во нашата земја кои секојдневно со пожртвуваност и етички пристап се грижат за здравјето на граѓаните, некогаш работејќи и во предизвикувачки услови, додаваат во соопштението.

Исто така, апелираат да се почитува начелото на презумпција на невиност, сè додека не се донесе правосилна судска одлука.

Веруваме дека само со заеднички напори на сите институции во согласност со нивните надлежности, можеме да изградиме здравствен систем во кој владеат етиката, професионализмот и довербата – стои во објавата.