Директорот на Клиниката за токсикологија Нико Беќаровски на денешната прес-конференција, којашто ја држеше заедно со останатите лекари на Клиниката, рече дека главен проблем со којшто во моментив се соочува клиниката е доекипирањето на лабораторијата, поради што пациентите трпат. Лекарите алармираа за хаосот што се случува на Клиниката, особено, како што велат, откако била назначена економската директорка.
– Секој кој малку разбира токсикологија, знае дека токсиколошка клиника без токсиколошка лабораторија не може да функционира. Во моментов таму функционира само еден лаборант, а за минимум да работи оваа лабораторија, потребни се барем двајца дипломирани биолози и уште еден техничар со средна медицинска спрема – појасни тој.
Истакна дека Клиниката веќе неколку години е на маргините, во рок за шест години се сменети пет директори, додавајќи дека од 12 февруари, клиниката има нова организациона директорка, дипломиран економист, со која се соочувале со отпор и несоработка.
Во неколку наврати, додаде, било барано да се вработат двајца лаборанти и еден болничар, за да може да се функционира.
– Од директорката се инсистира да бидат примени сите 18, кои претходно беа примени со договор на дело, а на кои им истече договорот. Ставот на лекарскиот колегиум, е, дека немаме потреба од толкав број нови примања – рече тој.
Дополнително, медицинскиот директор Данил Петровски одбива да ги потпише вработувањата бидејќи е предизборен период.
На новинарско прашање, тој одговори дека меѓу 18-те лица за кои директорката Бесија Иљази бара да се вработат со договор на дело, имало и болничар кој пред неполн месец вршел притисок кај лаборантот да замени урина во која имало наркотици, со чиста урина.
Беќаровски подвлече дека немаат комуникација со директорката, бидејќи, како што рече, таа не го знаела македонскиот јазик. Тој рече дека имал обиди со неа да разговара на англиски. Комуникацијата, додаде Беќаровски, била преку преведувач, кој бил дел од тие 18 лица, па докторот рече дека не знаат дали точно се пренесувало тоа што го зборувале и обратно, дали точно им се преведува нејзиното говорење.
Беќаровски се осврна и на резултатите од работењето во изминатиот период, рече дека државата нема акредитирана токсиколошка лабораторија, иако на сите министри им се укажувало тоа.
Нагласи дека ниту едно од присутните медицински лица на пресот, истакнати во својата професија, не е активен член на политичка партија, а сите се со долги години стаж.
По прес-конференцијата, надвор од клиниката, новинарите имаа можност да поразговараат и со дел од тие кои останале без работа по истекот на договорот на дело, меѓу кои и бочничарот за кој претходно беше кажано дека правел притисок за замена на урина. Тој ги негираше обвинувањата, нагласувајќи дека само бил прашан, дали може да помогне и одговорил дека не може и не смее, бидејќи е тоа кривично дело.
Изјава даде и организационата директорка на клиниката, но, само на албански јазик.