Во пресрет на едногодишнината од трагедијата во дискотеката во Кочани, Владата ќе организира Меѓународна конференција „Институционални и клинички аспекти и решенија по пожарот во Кочани една година потоа“, која ќе се одржи во сабота, на 14 март.
На конференцијата ќе присуствуваат претставници на институциите, здравствени експерти, меѓународни организации и хуманитарни партнери, како и лекари и медицински персонал од 37 земји кои помогнале во лекувањето на повредените по пожарот. Целта е да се направи сеопфатна анализа на одговорот на трагедијата – од првичната интервенција и спасувањето животи, до долгорочниот третман, рехабилитацијата и системските решенија.
Владината портпаролка Марија Митева на денешната прес-конференција истакна дека државата од првиот ден презела обврска да стои зад процесот на лекување, рехабилитација и закрепнување на повредените, но и трагедијата да ја претвори во поттик за подобрување на институционалните капацитети и подготвеноста на системот.
– За Владата една година подоцна целта не е само сеќавање. Целта е да покажеме одговорност и создавање систем кој ќе биде уште посилен, поорганизиран и подготвен да одговори на кризни ситуации – рече Митева.
Таа потсети дека во најтешките часови по пожарот се мобилизирале здравствените работници, институциите, службите и локалната заедница, а значајна поддршка пристигнала и од европските и регионалните здравствени системи.
Според Митева, особена вредност на конференцијата е присуството на 37 лекари и медицински експерти од странство кои директно учествувале во лекувањето на повредените. Тие ќе пристигнат од клиники и здравствени центри од повеќе европски земји кои примиле пациенти од Македонија во најкритичниот период по трагедијата.
Конференцијата ќе започне со свечено институционално отворање и комеморативен момент во чест на жртвите, по што ќе следуваат повеќе тематски панели.
Еден од панелите ќе биде посветен на европскиот механизам за цивилна заштита и меѓународниот одговор, со фокус на координацијата меѓу државите, медицинскиот транспорт на пациенти и организацијата на ваквите операции, пренесе МИА.
Друг панел ќе се фокусира на медицинскиот аспект на кризата, односно акутниот третман на изгорениците, почнувајќи од првичната тријажа и итната медицинска помош до хируршкиот и пулмолошкиот третман.
Третата тематска сесија ќе биде посветена на долгорочното закрепнување на пациентите, вклучувајќи рехабилитација, физикална медицина, психолошка и психијатриска поддршка, како и подобрување на квалитетот на живот на преживеаните.
На завршната сесија ќе бидат презентирани идните решенија и системските чекори што институциите планираат да ги преземат врз основа на стекнатите искуства.
На конференцијата ќе учествуваат лекари од земјите од регионот – Србија, Бугарија, Грција, Хрватска и Словенија, како и од повеќе европски држави, меѓу кои Австрија, Латвија, Полска, Шведска и Литванија.
































