Дали со рехабилитација и модернизација на железничката пруга на постојната траса Скопје-Гевгелија се испраќа во историја на заборав мегапроектот на столетието „Вардарска Долина“? Договорите за стратешко партнерство и кредит со Велика Британија од 6 милијарди евра, кои ќе бидат употребени за повеќе стратешки и капитални проекти, несомнено ќе доведат до забрзан раст и развој на нашата држава. Планираните проекти, според Договорот, вклучуваат изградба и реконструкција на железничкиот коридор 10 од Табановце до Гевгелија, за што се проценети околу 2 милијарди евра. Од изјавите на медиумите и авторитетите од Владата се тврди дека во моментот имаме подготвено повеќе проекти. Првиот е изградба на брза железница од Табановце до Гевгелија, при што ќе се користи постојната траса, каде што ќе биде изградена целосно нова линија со два колосека. По едниот ќе транзитираат патнички возови со брзина од над 160 километри на час, а вториот ќе биде карго-колосек, на кој ќе се движат возови со брзина од 110 до 120 километри на час. Рокот за изградба е пет години од почетокот на градбата, а се очекува градбата да почне за околу девет месеци по потпишувањето на договорот. Изведувачот истовремено ќе ја проектира и ќе ја изведува железничката линија. Прво ќе се гради новата траса, која ќе биде паралелна со постојната, а потоа ќе се реконструира веќе постојната железничка линија од Табановце до Гевгелија
Автор: Оливера Анчева,
дипл. ел. инж.
Уште во 1989 година тогашниот Извршен совет на СРМ формира работна група составена од стручни лица од надлежните министерства и институции за изработка на „Иницијална програма за интегрален развој на Вардарска Долина“. Во програмата е потенцирана неопходноста да се земе предвид изместување на делови од пругата во должина од 22 km над нивото на акумулациите за ХЕЦ Велес, 23 km за ХЕЦ Градец и на дел од десетте проточни ХЕЦ помеѓу Велес и Градец кои се составен дел на проектот „Вардарска Долина“. Заради акумулациите на ХЕЦ Велес и ХЕЦ Градец за изместување на пругата се изработени идејни решенија. Во програмата се земени предвид забелешките и инструкциите од страна на главниот проектант на хидроцентралите на Дунав, г. Јозеф Кобулка од Австрија. Програмата е официјализирана во 1990 година, со насоки за понатамошни активности за ажурирање на целата дотогаш изработена документација, изработка на физибилити студија за техноекономска оправданост и испитување на можноста за заедничко вложување со странска компанија за реализација на проектот.
КРАТОК ОПИС НА ПРОЕКТОТ „ВАРДАРСКА ДОЛИНА“
Со проектот „Вардарска Долина“ е предвидено енергетско искористување на течението на Вардар со сите најзначајни притоки. По течението на реката Вардар, односно на потегот од Скопје до границата со Грција, во должина од 200 km, е планирана изградба на 12 хидроелектрични централи.
Од нив, најголеми се: ХЕЦ Велес со производство од 300 милиони киловат-часа годишно и ХЕЦ Градец со 257 милиони киловат-часа. Преостанатите десет помали хидроцентрали се каскадно распоредени по течението на реката (Табела 1) и се со предвидено производство од 60 до 130 милиони киловат-часа, во зависност од локацијата и протокот на вода. Проектот „Вардарска Долина“ е со повеќенаменско искористување и управување со водните ресурси на реката Вардар, и тоа:
– Промена на структурата на производството на електрична енергија преку зголемување на процентот на хидроенергија или енергија произведена од обновливи извори;
– Минимизирање на влијанието врз животната средина преку користење на водата како обновлив и ефикасен извор на енергија;
– Намалување на емисиите на јаглерод диоксид;
– Намалување на употребата на фосилни горива;
– Намалување на енергетската зависност на земјата преку изградба на хидроцентрали;
– Подобрување на потребите на вода за пиење;
– Изградба на системи за развој на земјоделството и туризмот, спортот и рекреација на водотеците;
– Подобрување на заштитата од поплави преку регулација на водното корито;
– Спречување на намалувањето на нивото на подводните води во целата област;
– Можност за изградба на пловен пат од пристаниште Солун-Белград.
Главни карактеристики на ХЕЦ Велес:
– Висина на браната: 59,50 m
– Должина на круната на браната: 135,00 m
– Ширина на круната на браната: 6,00 m
– Корисен волумен на акумулација: 64,00 х 105 m3
– Инсталиран проток: 195,00 m3/s
– Нето-пад: 53,50 m
– Тип на турбина: Францис
– Број на агрегати: 3
– Инсталирана моќност на агрегат: 31,00 MW
– Пресметана инсталирана моќност: 93,10 MW
– Среден годишен проток на локацијата: 76,40 m3/s
– Средно годишно производство: 310 GWh
– Период на градба: 6 години
– Изместување на железница: 22 km
– *Вкупно чинење на проектот: 157,7 милиони евра
Главни карактеристики на ХЕЦ Градец:
– Висина на браната: 33,00 m
– Должина на круната на браната: 520,00 m
– Ширина на круната на браната: 10,00 m
– Корисен волумен на акумулација: 43,00 х 106 m3
– Инсталиран проток: 240,00 m3/s
– Нето-пад: 27,15 m
– Тип на турбина: Каплан
– Број на агрегати: 2
– Инсталирана моќност на агрегат: 28,80 MW
– Пресметана инсталирана моќност: 55,20 MW
– Среден годишен проток на локацијата: 141,20 m3/s
– Средно годишно производство: 243 GWh
– Период на градба: 6 години
– Изместување на железница: 23 km
– *Вкупно чинење на проектот: 174,5 милиони евра
Престанатите хидроцентрали што ќе се изградат по течението на реката Вардар ќе бидат помали, со помала инсталирана моќност, а во согласност со тоа и поевтини.
• Потребно е ажурирање на вредноста на проектите во согласност со сегашните услови на градба.
Дел од подготвената документација за проектот „Вардарска Долина“: Основни мерења за Вардарска Долина 1955-76, Студија за солвентноста на реката Вардар 1981, Студија за хидроелектрична експлоатација на реката Вардар (ХЕП во градежен факултет во Скопје) 1989, Главен проект на ХЕЦ Градец – Прва фаза 1978, Анекс на главниот проект на ХЕЦ Градец 1978, Прелиминарен проект на ХЕЦ Велес 1984, Брана Градец, Геофизички мерења (ИЗИС Скопје) 1990, Сеизмотектонски и инженерски сеизмолошки истражувања на локацијата на браната Велес (ИЗИС Скопје) 1978, Анализа на статичката и сеизмичката стабилност на браната Градец, Том II (Гравитациски дел) (ИЗИС Скопје) 1990, Национална компанија на Рона, уредување на реката „Вардар“ – работи во ниски водопади, дефиниција на работи за сеизмички студии (Национална компанија на Рона) 1995, Идентификација на елементи на сеизмичка опасност со компаративна анализа и примена во случајот на вардарската зона 1993, Статичка и динамичка анализа на бетонската лачна брана 1989, Инвентар на тековните истражувачки активности за дефинирање на алувијалните наслаги по долината на реката Вардар, по должината на делницата Велес-Гевгелија (Геохидропроект, Скопје) 1995, Ефекти од земјотреси врз брани и насипи (Геотехника) 1965, Анализа на статичката и сеизмичката стабилност на браната Градец: Том I: Дел за полнење (ИЗИС Скопје) 1990, Интегрален развој на сливот на реката Вардар.
Сеизмичност на локациите и избор на типови и структурни системи за брани, Том I и Том II, 1973, Евалуација на сеизмичките услови и ефекти врз структурите што го сочинуваат системот на долината на реката Вардар (Институт за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија) 1995, Анализа на стабилност на насипи и наклони (Геотехника) 1973, Проектни сеизмички параметри за браната Градец (ИЗИС Скопје) 1989, Главна железничка линија и регионален пат Демир Капија – Миравци, Том II – Сеизмичко зонирање, сеизмичко микрозонирање и дефиниција на проектни сеизмички параметри (ИЗИС Скопје) 1988, Програма за интегриран развој на Вардарска Долина (Национална француска компанија Рона-ЦНР и БЕТУРЕ Франција) 1996.
По осамостојувањето на нашата држава, во септември 1994 година е формиран македонскиот конзорциум „Вардарска Долина“ за изработка на Студија за интегрален развој на „Вардарска Долина“. Притоа се искористија искуствата од францускиот модел на уредување на реката Рона, како и истражување на експертите од ЦНР и ЕДФ од Франција. Студијата беше завршена во 1999 година. Македонскиот конзорциум што ја водеше и координираше студијата требаше да продолжи да ја води оваа проблематика, меѓутоа истиот тој беше расформиран во почетокот на 2000 година.
МОЖНОСТ ЗА ИЗГРАДБА НА ПЛОВЕН КАНАЛ СО ТРАСА ПРИСТАНИШТЕ СОЛУН – ВАРДАР – ПЧИЊА – МОРАВА – ДУНАВ
Интересот за реализација на овој проект, пловен пат Егејско Море–Вардар–Морава–Дунав (Сл.2) е изразен уште во почетокот на минатиот век, кога е изработен првиот проект во 1900 година од страна на Србија. Потоа следуваат следните проекти:
– Во 1932 САД, 1961 Србија, 1973-1980 Србија со Грција, 1995 Србија, 2013 Кинеска државна компанија „China gezhouba group“ – Документациона основа и прелиминарана студија за оправданоста за изградба на каналот,,Дунав-Морава-Вардар-Егејско Море“.
Идејата за овој проект се возобнови во 2016 година, кога кинеските експерти со делегација на кинеската компанија „Bonn Project“ и со претставниците на институтот „China Design Group“ започнаа да анализираат и потврдија дека пловниот канал Белград-Скопје-Солун е исплатлив. Според нив, изградбата на овој мегапроект на векот би чинела околу 17 милијарди долари. Каналот е предвидено да се протега со должина од 1.000 km, а за неговата реализација ќе бидат потребни повеќе од десетина години.
Пловниот канал е предвидено да има излез на Егејско Море преку каналот Дунав-Морава-Вардар, а целиот проект, според досегашните најави, ќе биде од големо значење, исто како и системите Рајна-Мајна-Дунав, Одра-Висла или Сена-Рона.
Проектот треба да биде мултифункционален.
Трошоците за транспорт на стока по тон/километар во патниот спрема железничкиот транспорт се 1 спрема 0,4, а на патниот спрема водниот се 1 спрема 0,2.
Значи, трошоците на превоз на стоки на патниот се 2,5 пати повисоки во однос на железничкиот, а на патниот во однос на водниот транспорт се повисоки за 5 пати.
Каналот Дунав–Морава-Вардар–Егејско Море е проектиран за пловидба на бродови до 1.300 тони носивост, односно за две баржи со брод тегнач со вкупна носивост од 1.500 тони, должина на баржите до 175 метра и ширина до 9,5 метри. Димензиите на каналот се исти како на каналот Рајна–Мајна–Дунав. Каналот е проектиран за годишен транспорт од 10 милиона тони стока.
Македонската влада имаше позитивен приод кон идејата за реализација на овој проект.
Во 2016 година македонската влада потпиша меморандум за разбирање за проектот „Вардарска Долина“ со Кинеската меѓународна корпорација за води и електрична енергија (КВЕ), која во земјава е позната, бидејќи таа ја градеше ХЕЦ Козјак, која во 2004 година беше пуштена во употреба. Дел од договорот е и Кинеската банка за развој (КРБ), а тие заедно се обврзаа за 12 до 18 месеци да подготват студија за оправданост.
Тогашниот вршител на должноста кинески амбасадор во Македонија, Цуи Жимин визионерски ни посочи дека реализацијата на проектот „Вардарска Долина“ ќе донесе и нови директни и индиректни вработувања. Од тогаш (2016 г.) освен искажаниот формален интерес од наша страна, за овој проект досега нема никакви активности.