Фото: „Нова Македонија“

Денеска е Светски ден на донирањето крв

Хуманоста, крводарителството, солидарноста и односите меѓу луѓето треба да бидат поприсутни и во едукацијата и образованието кај децата. Ценам дека нашето образование многу повеќе треба да се насочи кон ваквите темелни вредности на човечноста и кон изградба на еден похуман систем, вели за „Нова Македонија“ Горан Павловски од Скопје, кој дванаесет пати дарувал крв

Живко Здравкоски

Светскиот Ден на донирањето крв секоја година се одбележува низ светот на 14 јуни, годинава под мотото „Дај крв, дај надеж: заедно спасуваме животи“, во рамките на активностите по повод овој ден што низ светот ги организира Светската здравствена организација (СЗО).
На овој ден, светот оддава глобално признание за милионите доброволни, неплатени, даватели на крв, кои им даваат втора шанса за живот на други милиони луѓе на кои истата таа им е мошне потребна. Великодушноста на овие дарители спасува безброј животи, зацврстува заедници и го претставува духот на солидарноста, што, во денешниов начин на живеење, е можеби најизразен токму преку овој хуман чин. Тоа е ден за да се каже благодарам, но и да се истакне постојната итна потреба за безбедни, редовни донации на крв.

Како што истакнуваат од СЗО, оваа година се почитува надежта, онаа што дарителите ја даваат со секоја капка крв. Со оглед на тоа што милиони пациенти низ светот се потпираат на трансфузии на крв секоја година, надежта тече во секоја донација.
СЗО ги наведува главните цели на кампањата за оваа година, кои се во насока да се разбуди хуманоста кај секој човек за да дарува крв и да помогне во спасувањето животи.

Прва цел, наведена од СЗО, е да се подигне јавната свест за критичната потреба за донации на крв и плазма и влијанието што го имаат врз животот на пациентите. Понатаму, целта е да се поттикнат нови и постојни даватели редовно да даваат крв, помагајќи да се обезбеди стабилна и доволна снабденост со крв. Меѓу една од целите на годинашната кампања на СЗО е и да се истакне позитивното влијание на давателите на крв врз здравјето и благосостојбата на другите и да се промовираат вредностите на солидарност, сочувство и заедница преку донација на крв. Клучна цел е да се обезбеди поддршка од владите и партнерите за развој за да се инвестира во одржливи националните програми за крв, за да се постигне универзален пристап до безбедни трансфузии на крв низ целиот свет.

Понатаму од СЗО, во чест на Светскиот ден на крводарителството, објаснуваат дека строгите безбедносни протоколи го прават процесот на дарување крв безбеден за давателите и за примателите. Обезбедувајќи дека болниците имаат крв што им е потребна за операциите и вонредни ситуации, во секое време, се обезбедува пристап до производи за здравје што спасуваат животи за оние што им се потребни и негува култура на општествена поддршка. Во земјите со ниски приходи, жените во репродуктивна возраст и децата под пет години се меѓу најчестите приматели на крв. Трансфузиите на крв обезбедуваат животоспасителна поддршка за жените што доживуваат крвавење поврзано со бременост и породување и за децата што страдаат од тешка анемија поради маларија или недоволна исхрана.

Дарувањето крв позитивно се одразува врз здравјето

Својата крводарителска приказна за „Нова Македонија“ ја раскажа и Горан Павловски од Скопје, кој досега 12 пати има дарувано крв.
– И во Македонија има многу, според мене, херои, кои со дарувањето крв им помагаат на многумина на кои истата таа им е потребна – вели Павловски.

Тој додава дека дарувањето крв позитивно влијае врз неговото здравје и дека си определил динамика на дарување крв двапати годишно.
– Со дарување крв започнав релативно доцна, некаде над 40-та година. Со оглед на тоа што отсекогаш бев спортски активен, не бев сигурен како дарувањето крв ќе ми се одрази врз здравјето и силата. Годината кога првпат дарував крв сериозно се подготвував за скопскиот маратон и охридската трка на 30 километри. Добро се информирав дека дарувањето крв позитивно може да влијае на моето здравје и се одлучив на тој чекор. Наредните денови откако дарував крв, додека трчав, почувствував многу подобра внатрешна енергија и посебна острина. Оттогаш мојата динамика е двапати годишно да дарувам крв затоа што ценам дека и здравјето и имунитетот ми се на многу повисоко ниво. Секако, дарувањето крв претпоставува и проверка на крвната слика. Заедно со правилната исхрана и физичката активност претставува цел систем на позитивни вредности што придонесуваат кон општественото здравје – објаснува Павловски.

Според него, најважната перспектива е хуманоста. Како мала држава што има ограничени ресурси на крв, Павловски цени дека е многу важно да се има свест да се помогне и да се биде хуман.
– Тоа е едно тркало од хуманост за кое сите ние треба да се грижиме, затоа што ако не нам лично, крвта во одреден момент ќе му биде потребна на некој наш близок. Токму поради сето ова, сметам дека хуманоста, крводарителството, солидарноста и односите меѓу луѓето треба да бидат поприсутни и во едукацијата и образованието кај децата. Ценам дека нашето образование многу повеќе треба да се насочи кон ваквите темелни вредности на човечноста и кон изградба на еден похуман систем – изјави Горан Павловски за „Нова Македонија“.


Секоја донација на крв има потенцијал да спаси до три животи

СЗО ги повикува сите заинтересирани страни (поединци, заедници, влади, партнери и цивилно општество) да работат заедно за да се осигури дека секој пациент што има потреба од крв ќе може навремено да ја добие.

Достапноста на безопасна крв останува итно прашање во Регионалната канцеларија на СЗО на источниот Медитеран, каде што многу земји се под препорачаното минимално ниво од десет донации на крв на илјада луѓе на година. Секоја донација на крв има потенцијал да спаси до три животи. И покрај некои напредоци, волонтерските некомерцијални донации често сочинуваат помалку од педесет проценти од снабдувањето со крв.
– Волонтерското дарување крв може да спаси животи и да донесе надеж. Им благодариме на сите даватели на крв чија несебичност носи надеж во животите на тие што им е потребна. Ги повикуваме владите, партнерите и заедниците да инвестираат во развој на одржливи, регулирани системи за крв што ќе го подобрат собирањето крв од доброволни неплатени донори. До нашата младост – вашата донација може да спаси животи. Заедно, можеме да дадеме крв и, на тој начин, да дадеме надеж – заклучува регионалниот директор на СЗО за источниот медитерански регион, д-р Ханан Балки.