Националната единица за сузбивање на криумчарење мигранти и трговија со луѓе при Сектор за криминалистички истраги во Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, денеска спроведе координирана полициска операција, при што, со судска наредба, извршени се претреси во дом и други простории на две локации во Неготино кај Ј.К.(23) и М.Б.(23), двајцата од Неготино, поради постоење основано сомнение дека се сторители на кривичнo делo „Kриумчарење на мигранти“ по член 418-б став 2 вв со член 22 „Соизвршителство“ од Кривичниот законик.
Како што соопшти МВР, во акцијата спроведена во координација со Јавен обвинител од ОЈО за ГОКК, во содејство со Одделот за специјални полициски операции, по претходна соработка со Регионалниот центар за гранични работи Југ, од слобода бил лишен М.Б., додека за Ј.К., кој во моментот не бил затекнат, пуштен е распис за негово пронаоѓање, а против двете лица е поднесена кривична пријава.
-Имено, Ј.К. и М.Б., со цел стекнување на противправна имотна и материјална корист, кривичното дело го сториле организирајќи нелегално пренесување на лица илегални мигранти од територијата на Р.Грција на територијата на Р.Северна Македонија, кои потоа од страна на други лица се прифаќале и превезувале кон липковско-кумановскиот регион и понатаму се криумчареле кон Р.Србија и земјите на ЕУ, посочуваат од МВР.
Ј.К. и М.Б. , се наведува понатаму, првично обезбедувале возила за превезување на илегалните мигранти, потоа со лица возачи го договарале начинот на комуникација, како и локацијата на прифаќање, рутата на превезување и засолнување на илегалните мигранти во кумановско-липковскиот регион.
-Така, на 18.06.2022, кога се откриени 26 лица илегални мигранти од Сирија во товарно возило управувано од Д.С.(21) и совозач М.И.(38), двајцата од Велес, на кои од страна на Регионалниот центар за гранични работи „Југ“ на 19.06.2022 веќе им е поднесена кривична пријава по член 418-б од Кривичниот законик, Ј.К и М.Б., откако го организирале криумчарењето на мигранти, ги известувале возачите кои ги превезувале мигрантите за полициските патроли и евентуална промена на рутата доколку бидат забележани од страна на полициските патроли, бидејќи биле во улога на т.н.„чистачи“ за време на криумчарењето на мигрантите, стои во соопштението од МВР.