Кратово – туристички потенцијали

(Трет дел)

Како што веќе заклучивме, Кратово има огромен, но сè уште недоволно искористен туристички потенцијал – токму затоа е интересен за развој на автентичен и одржлив туризам и особено за оние што бараат автентични доживувања, историја и природа во едно. Со соодветна промоција, мали инвестиции во сместувачки капацитети, обука на водичи, инвестирање во инфраструктура, поддршка на локалните заедници, дигитална промоција и одржување на културното наследство, Кратово може да стане уникатна дестинација за културно-историски и автентичен туризам и еден од водечките примери за одржлив културен и рурален туризам во Македонија.

Кои се клучните аспекти што го прават Кратово привлечна дестинација?

Архитектура и историја:

Градот е како жив музеј – со своите камени мостови, средновековни кули, калдрмисани улици и традиционални куќи. Саат-кулата е адаптирана во музеј, каде што може да добиете водена тура преку која ќе се запознаете со историјата на градот. Ова го прави идеален за културен туризам, особено за туристи што сакаат автентични доживувања надвор од големите туристички центри.

Геолошки феномени:

Во близината на Кратово се наоѓа Куклици – уникатна природна појава со „камените кукли“, која е привлечна за љубителите на геотуризам, фотографија и екскурзии. Тоа е редок геолошки феномен во Европа и може да се развие како меѓународна атракција.

Гастрономија и традиција:

Кратово нуди богата традиционална кујна – доволно е да се спомене кратовската пастрмајка (убедлив победник над велешката и штипската!), но тука се и домашните пити, јадења под сач, сирење, планински мед и ракија, к’цана сол, локално произведени органски производи… Со правилна промоција, гастрономскиот туризам може да привлече туристи заинтересирани за локални вкусови и домашна храна.

Еко и рурален туризам:

Со околината богата со недопрени шуми, реки и чист воздух, Кратово има потенцијал за развој на екотуризам. Потоа развивање пешачки и велосипедски патеки, како и рурален одмор и прошетки низ околните села.
Близината до природни реткости како Куклица, Лесново со својот манастир и пештери, како и Осоговските Планини, го прават Кратово идеална почетна точка за екотуризам, истражување на природата, собирање билки или чиста планинска релаксација.

Фото: „Нова Македонија“

Авантуристички туризам:

Осоговските Планини и падините околу Кратово нудат одлични услови за планинарење, искачување на врвот Лисец, возење велосипед, планинско трчање, итн.

Културно-етнолошки манифестации:

Настаните како „Златни денови Кратово“, Меѓународниот фестивал на етнолошки документарен филм, но и занаетчиски и фолклорни фестивали, настанот околу Тодорова сабота, разни панаѓури можат да привлечат посетители и да го оживеат градот, особено во летната сезона.

Историска архитектура:

Кратово е еден од ретките градови во Македонија каде што средновековната архитектура е речиси недопрена. Камените мостови, старите куќи со чардаци и кулите од османлискиот период создаваат уникатен амбиент што го фасцинира секој посетител.

Туризам со наратив:

Кратово има „приказна“. Тоа е место каде што туристите не само што гледаат туку и учат, слушаат и чувствуваат. Тоа е од особена вредност за современиот концепт на бавно патување („slow travel“) каде што патниците бараат значајни, бавни искуства.

Сместување и храна:

Во последниве години, срамежливо, се појавуваат мали семејни етнокуќи и ресторани што нудат локални специјалитети и пријателска услуга – што може да го направи Кратово топло и достапно место за престој.

Религиозен туризам:

Во близината на Кратово се наоѓаат два од највпечатливите и најзначајни православни манастири во Македонија – Лесновскиот манастир и Осоговскиот манастир.

Лесновскиот манастир „Св. Архангел Михаил“

Се наоѓа во селото Лесново, на околу 15 километри од Кратово. Овој манастир е еден од најстарите и највредни средновековни манастири во Македонија. Основан е во 14 век од деспотот Јован Оливер и се верува дека е изграден на темелите на постар храм посветен на Свети Гаврил Лесновски – пустиножител од овој крај.
Манастирската црква има извонредни фрески, меѓу најдобрите од времето на палеологската ренесанса. Со векови во минатото била духовен и културен центар, а денес има активно машко монашко братство и мирна атмосфера, совршена за духовен туризам и истражување на христијанското наследство.

Осоговскиот манастир „Св. Јоаким Осоговски“

Се наоѓа близу Крива Паланка, на падините на Осоговските Планини. Посветен е на Св. Јоаким Осоговски, пустиножител од XI век, кој живеел во пештерите од овој крај.
Главната црква е изградена во XIX век и е една од најголемите цркви во Македонија. Комплексот содржи неколку цркви, конаци и помошни објекти. Манастирот е активен со монашки живот и претставува важен центар на духовност. Привлекува голем број верници, туристи и љубители на архитектурата и иконописот.
Овие два манастира не се само духовни свети места туку и вредни културно-историски споменици, кои го збогатуваат туристичкото искуство на секој што ќе го посети регионот на Кратово и Осоговијата.

Тони Димитров