Во вчерашниот број на „Нова Македонија“, во првиот дел од серијалот „Историска нужност“, ги анализиравме фактичката состојба и последиците од политиките на ДУИ и особено од практикувањето на таквите политики од страна на лидерот на таа политичка партија, Али Ахмети. Таа групација доживеа сериозна казна од страна на политичкиот суд на граѓаните, не само поради политичките определби што континуирано во заднина ги имаат етноцентризмот, политиките на етнички поделби, менување на карактерот на унитарноста на Македонија, непочитувањето на основните белези на суверенитетот на Македонија и демонстрацијата на шовинизам и сепаратизам, плус и поради отсуството на елементарна одговорност кон граѓаните и државните институции и нивно отуѓување, затворање во клуб на привилегирани, коруптивно однесување и ароганција со која заборавија на оние што всушност им го дадоа мандатот. Поради таквите политички практики подолг период, историска нужност е нивното заминување во историјата. Денеска, пак, во второто продолжение на серијалот, се осврнуваме на нужноста за заминување во историјата на политики на друга политичка партија, имено СДСМ. Поточно на оние носители на партиските (и владините) политики кога беа на власт, кои извршија чин на предавство на темелните вредности, идентитетот и инсигниите на македонскиот народ и држава, наедно напуштајќи ги основните социјалдемократски принципи. Нив ги заменија со некаква лево-либерална идеологија, која дезавуира колективен и личен идентитет, суверено право на држави и народи и дозволи да се супресираат јазикот, културата и историјата
- Заслепеноста на раководството, тврдоглавоста да го следи истиот пат и по
катастрофата, покажува или дека е премногу задолжено кон некого или дека не ја чувствува болката на народот што претендира да го претставува. А кога политичарот/партијата ќе престане да го чувствува својот народ – тој/таа веќе политички не постои
По завршувањето на локалните избори во Македонија, резултатите го потврдија она што народот одамна го чувствуваше – катастрофалниот пораз на СДСМ не е случајност, туку природна последица на години политичка сервилност кон либералните елити од меѓународната заедница, последица од бриселската фасцинација, неселективност за „европски вредности“ наспроти македонските исконски, традиционални оригинални вредности. Поразот е последица од ароганција, политичка надменост, наперченост, заслепеност од моќта на власта, и отуѓеност кон сопствениот народ. Тоа ги причини историските гревови на СДСМ кон својот народ и држава.
Никогаш досега една партија што некогаш се самонарекувала државотворна не доживеала ваков политички и морален пад – и бројките и одзивот на граѓаните и реакциите по улиците говорат исто: народот не заборава и не простува предавство!
Сега во партијата започнува веќе видената постизборна реторика – кој е виновен, кој не работел доволно, кој го изневерил лидерот, каде се направиле организациски грешки. Се создава дополнителен хаос во кој се анализираат структури, комитети, локални ограноци…, но никој не сака да ја погледне суштината: поразот не е резултат на лоша организација, туку на вероломните постапки и поведенија во континуитет, чинови на изневерување на принципите и начелата на народот и на нацијата. Поразот е резултат на немање политичка и национална совест.
СДСМ не ја изгуби довербата на народот вчера или завчера – таа доверба почна да се распаѓа во оној момент кога со политичкиот концепт што го понуди и со поведенијата што следуваа дозволи да почне да се распаѓа достоинството на македонскиот народ под товарот на ултиматумите. СДСМ ја изгуби довербата кога препорача да го свиткаме ‘рбетот, со прифаќање на наметнатите компромиси, со промени на идентитет, на име, на историја…
Македонецот простува многу, но не простува понижување. Народ што толку пати низ историјата преживеал само затоа што се држел до своето име и корен не може да прифати да биде избришан со потпис на оние што си зедоа право (без делегиран мандат од народот) да го бранат. И направија ненадоместлива национална штета.
Затоа и денес, и по ваков историски пораз, најголемата трагедија не е тоа што СДСМ изгуби власт – туку што не сака да научи ништо. Наместо искрено каење, признавање на грешките и дистанцирање од предавничките политики што му го скратија идентитетот на народот, повторно слушаме исти фрази: „Европска иднина“, „реформи“, „интеграции“ – како да не сфаќаат дека токму зад тие неолиберални изрази се скри најголемата деградација на националното достоинство.
Додека оваа партија не собере храброст да се огради од историските гревови – промената на името, прифаќањето на бугарските диктати, молкот пред навредите кон македонската историја и јазик – таа никогаш повеќе нема да може да се самонарекува државотворна партија. Народот не сака слуги на туѓи интереси, туку луѓе што ќе се исправат и ќе кажат „доста е“.
Заслепеноста на раководството, тврдоглавоста да го следи истиот пат и по катастрофата, покажува или дека е премногу задолжено кон некого или дека не ја чувствува болката на народот што претендира да го претставува. А кога политичарот/партијата ќе престане да го чувствува својот народ – тој/таа веќе политички не постои.
Македонскиот народ ќе прости многу, но не и тоа што му беше направено во последната деценија – понижувањето, негирањето, менувањето на идентитетот под палката на „лево-либералните сили“, кои направија стравотна девастација на народот, нацијата и на државата.
Ако сака да се реформира, СДСМ мора да се врати на корените – на партијата што некогаш ја бранеше државноста, не на онаа што ја распродаде. Да подаде рака на една национална доктрина на суверенизам и идеологија и доктрина што поддржува зачувување на политичката независност на нацијата и да најде сили да изрази поддршка и конкретен договор за стратегиските насоки што граѓаните ги чувствуваат, а оваа власт ги препозна. Националната кохезија по одредени прашања е неопходна.
А од СДСМ тоа може да го направи само еден човек што ќе има храброст да каже: „Да, згрешивме. И ќе се направиме сѐ да ја исправиме грешката“.
Додека таков човек не се појави, оваа партија ќе остане симбол на падот, а не на надежта.
Продолжува утре: Историска нужност (3)

































