Потврдени традиционално добрите и пријателски односи помеѓу Македонија и Турција и разгледани можности за натамошен развој на соработката во областа на економијата на денешната средба на премиерот Димитар Ковачевски со Хасан Мехмет Секизќок, амбасадор на Република Турција во земјава.
Како што соопштуваат од владината прес-служба, на состанокот констатирано е дека како партнери во НАТО, за двете држави се отворени дополнителни можности за унапредување на соработката во сите области.
Разговарано е за повеќе актуелни прашања, како што се предизвиците од војната во Украина и за начините на нивно надминување, посебно во делот на обезбедувањето храна и енергија. Воедно, се додава, заеднички е оценето дека дијалогот е единственото разумно решение за кое било отворено прашање.
– На средбата е пренесено дека Турција гледа во Република Северна Македонија важен партнер на Балканот и дека евроатлантските интеграции на нашата држава значат придонес во стабилноста на целиот регион – се наведува во соопштението.
Премиерот Ковачевски, се посочува, се заблагодари за континуираната и принципиелна поддршка од Турција во напредокот на нашата држава, нагласи дека Турција е меѓу значајните инвеститори во земјава и дека билатералните односи продолжуваат да се развиваат во ефикасен и пријателски дух.
Премиерот Ковачевски рече дека Владата презема конкретни чекори во поддршката на животниот стандард на луѓето и применува европски вредности во политиките, исклучиво во полза на граѓаните и на државата и на тој начин продолжува да работи, се наведува во соопштението од прес-службата на Владата.