Премиерот Димитар Ковачевски им го честиташе Националниот ден на Србите во Македонија, кој секогаш се слави на денот на една од најсветлите и најсветите личности во историјата на српскиот народ – Свети Сава. Тој вечерва се обрати на свечената академија по повод националниот ден на Србите во Македонија.
– Свети Сава е посредник и помирител меѓу раскараните браќа и народи. Неговите лик и дело инспирираат и осум века после неговата смрт. Неговата саможртва да се откаже од земските блага и да го прифати православното христијанство како негов личен живот, направија Свети Сава да им припаѓа на сите христијани, без разлика на тоа во кои државни граници живеат. Затоа кога велиме дека неговото дело инспирира, пред нас ја имаме и нашата определба. Определбата на граѓаните на Република Северна Македонија, да градиме и негуваме општество еднакво за сите. Граѓанско, едно општество за сите, во кое ги афирмираме и воспоставуваме меѓусебната почит меѓу сите етнички заедници во нашата земја. Признавањето на етничките, националните, верските и културните разлики е посебноста и суштината на нашето заедништво. Во тоа наше заедништво што го градиме низ вековите и што го негуваме денеска, свој значаен придонес има и српската заедница во Северна Македонија. Многу е значајно што тој придонес се прави по углед на големиот светител Свети Сава – истакна Ковачевски.
На свеченоста присуствуваа и министерот за надворешни работи на Република Србија Никола Селаковиќ, претседателката на Република Српска Жељка Цвијановиќ, претседателот на Демократската партија на Србите во Македонија и пратеник Иван Стоиљковиќ, пратеникот Мирослав Јовановиќ, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и претседателката на Националниот совет на Србите во Македонија и претседателка на организациониот одбор за одбележување на националниот ден на Србите во Македонија, Гордана Јовиќ Стојковска.