– Беше дискутирано дека за Владата и за граѓаните е најважно тоа што во овој европскиот предлог имаме дефинирани позиции за јасно и недвосмислено прифаќање на македонскиот јазик, кој е апсолутно чист и еднаков со другите јазици на Европската Унија без никакви фусноти, дообјаснувања и ѕвездички – се вели во денешното соопштение од Владата.
Премиерот Ковачевски истакнал дека она што, исто така, е важно, а било барање на Владата е тоа што предлогот ги става билатералните историски прашања надвор од преговарачката рамка, дополнително и дека овој европски предлог овозможува безусловен старт на пристапните преговори на Македонија со ЕУ и операционализација на одлуката на Европскиот совет од март 2020, со што, како што нагласува, преговорите со Европската Унија ќе можеме да ги започнеме веднаш по донесувањето на нашата одлука за прифаќање на предлогот.
– Премиерот Ковачевски, уште еднаш пред присутните членови на Владата и делегацијата на Европскиот совет, предводена од Шарл Мишел ја истакна нашата стратешка определба како земја, која уште од основањето е за полноправното членство во Европската Унија. Премиерот Ковачевски подвлече дека нашиот пат и избор е демократија, слобода, мир, негување добрососедски односи и економски развој на земјата – се додава во соопштението.
На владината седница се дискутирало и за важноста во овие клучни моменти на државата мудро да се расудува, за иднината на сите народи кои тука живеат, бидејќи, како што било нагласено, Македонија припаѓа во Европската Унија, а тоа значи подобар стандард, подобра иднина за сегашните и за идните генерации.