Премиерот Димитар Ковачевски смета дека опозицијата треба да прифати учество во работната група за уставните измени, иако, како што нагласи, во минатото се покажало дека тие во ништо не сакаат да учествуваат во ништо, освен во блокирање на Собранието.
На новинарско прашање премиерот повтори дека за процесот на уставните измени следна фаза е формирање експертска работна група, што ќе биде координирана од Министерството за правда со цел подготвување на амандманите, по што ќе има широка јавна расправа, а потоа и парламентарна, во неколку чекори, вклучително и двотретинско и апсолутно мнозинство.
– Ние во моментов зборуваме за уставни измени, меѓутоа никој од граѓаните не видел како изгледаат тие уставни амандмани. Значи, прва фаза е тие да бидат напишани од страна на експерти. Не зборуваме само за вметнување на Бугарите во Уставот, туку зборуваме и за другите заедници коишто изразиле желба да бидат дел од нашиот Устав, во којшто веќе има други коишто се вклучени- изјави Ковачевски.
Како што наведе премиерот, работната група ќе вклучува експерти по уставно право и правници, а ќе бидат повикани и експерти од политичките партии, меѓу кои и од опозициските.
– Сметам дека опозицијата тоа треба да го прифати иако се покажало во минатото дека тие во ништо не сакаат да учествуваат освен во блокирање на Собранието. Меѓутоа, мислам дека овој пат треба да учествуваат – рече Ковачевски.
Откако ќе бидат утврдени амандманите, појасни премиерот, тогаш ќе бидат ставени на увид и на широка расправа во општеството, помеѓу академската, бизнис заедницата, невладините организации, медиумите, граѓаните, за да може сите да го кажат своето мислење.
– Потоа следува фаза нормално на парламентарна дебата, во неколку чекори коишто вклучуваат и двотретинско и апсолутно мнозинство во однос на носење на уставни измени – изјави Ковачевски.