Посочи дека граѓаните треба да се спокојни, бидејќи како членка на НАТО, ние ја уживаме, и можеме да сметаме на заштитата која ја нуди најмоќниот одбранбен сојуз во светот
Премиерот Димитар Ковачевски денеска преку социјалните мрежи се обрати до јавноста.
Во обраќањето тој се осврна на стабилноста и безбедноста на државата, економските импликации од продлабочувањето на кризата, како и на активностите и мерките кои Владата ги презема со цел да ги ублажи и амортизира негативните последици.
Рече дека сме сведоци на немили настани кои сметавме дека се далеку зад нас, и кои верувавме дека никогаш нема да се повторат на нашето европско тло.
-Воената агресија на Русија против Украина која веќе однесе многу човечки животи е чин кој силно го осудуваме. Тоа е кршење на меѓународното право и е закана за евроатланската безбедност. Уште еднаш сакам да посочам дека заедно со сојузниците бараме итен прекин на воените дејствија. 21-иот век треба да е век на дијалог, не на војни-посочи Ковачевски.
Во овие турбулентни времиња, како што тој посочи, ги уверува граѓаните дека безбедносната состојба во земјата е стабилна.
– Во овој момент не постои никаква директна закана за безбедноста на Северна Македонија. Владата внимателно ќе ја следи состојбата во Украина и редовно и ќе ги информира граѓаните-рече тој.
Воедно, посочи дека граѓаните треба да се спокојни, бидејќи како членка на НАТО, ние ја уживаме, и можеме да сметаме на заштитата која ја нуди најмоќниот одбранбен сојуз во светот.
-Иако нашата желба е да се избегнат ситуации како оваа, сепак, во вакви услови на голема безбедносна дестабилизација, сфаќаме колку е значајно, да сме дел од најмоќниот воено-политички сојуз. Затоа, ве уверувам, нашата земја е безбедна! Но, поголемите предизвици кои стојат пред нас, се економски. Поради воените дејствија на Русија против Украина, глобалната енергетска и економска криза сега се продлабочува. Нѐ очекува неизвесна година каде економијата во Европа и светот ќе претрпи штети. Би сакал да ве уверам дека Владата одблиску ги следи промените во светските економски текови и како и досега ќе делува максимално одговорно и во најдобар интерес на заштита на домашната економија и финансиската состојба на граѓаните. Досега, преку правилно поставената стратегија во оваа исклучително кризна година, ние како Влада инсистиравме и овозможивме сите ресурси и енергија да се насочат кон справувањето со кризата и економска поддршка за граѓаните и стопанството. Ги покачивме платите, ќе се покачат пензиите и финансиски ги поддржуваме компаниите. Така ќе продолжиме и понатаму.
Глобалните пазари се најпогодени од руско-украинската војна, а нашата изложеност кон овие две економии е мала. Нема присуство во финансискиот сектор, а странските инвестиции се под 1 отсто од вкупните вредности. Очекуваното глобално влијание врз покачување на цените на основните прехранбени производи и енергенсите што би значело продлабочување на постоечката енергетска криза, е нешто за кое ние како Влада сме апсолутно подготвени и ќе одговориме соодветно-истакна премиерот.
Сите негови секојдневни разговори со членовите на Владата се фокусирани на следењето на состојбите со струјата, гасот, енергетиката и економијата, како во земјата, така и во регионот. Посветено работиме на мерки за да го намалиме притисокот врз граѓаните, домаќинствата и стопанството.
Порача сите институции во државата од Владата па надолу, максимално одговорно да ги трошат средствата и максимално ефикасно да работат со цел амортизирање на негативни последици од кризата.
-Сега е време за одговорност без отстапка. Време е да докажеме дека можеме заеднички да делуваме за доброто на граѓаните. Оваа криза е голем предизвик, но ве уверувам дека можеме и ќе ја поминеме со заеднички напори. Сакам да потенцирам дека Владата посветено ќе работи на заштита на економијата, на вашиот животен стандард, а секој денар од буџетот ќе биде насочен полесно да го пребродиме овој бурен период од нашата заедничка историја-заклучи тој.
Во продолжение обраќањето на премиерот Ковачевски: