Предлозите на Сојузот на средношколци за прилагодувања на државната матура, поради предизвиците предизвикани од пандемијата на ковид-19 и штрајкот на вработените во средното образование, беа меѓу темите на денешната средба на премиерот Димитар Ковачевски во Владата со делегација на Сојузот, предводена од неговиот претседател Лука Павиќевиќ.
Како што соопшти владината Прес-служба, на состанокот, на кој присуствуваа и пратеничките Моника Зајкова и Санела Шкријељ, беа разгледани сите барања на претставниците на Сојузот на средношколци и беа донесени соодветни предлози и решенија.
– Премиерот Ковачевски истакнувајќи дека младите се една од движечките алки во општеството и клучен владин партнер во креирањето на успешни политики за создавање современо и квалитетно образование ги поддржа младите средношколци со свој претставник да бидат вклучени во стручната работна група која ги изготвува измените и дополнувањата на Законот за средното образование, под водство на Министерството за образование и наука, се наведува во соопштението.
Ковачевски додаде дека реформите се комплексни и нагласи дека клучно е при реформирањето на услугите и системите, одлуките да се носат заедно со оние на кои се однесуваат, во случајов на младите и нивните професори.
– Во врска со барањата за модифицирање на државната матура, која е збир од повеќе екстерни и интерни испити со кои се проверуваат и се вреднуваат знаењата, вештините и способностите на учениците кои ги стекнале во четиригодишно средно образование, беше посочено дека на барање на средношколците од минатата година веќе се скратени програмите за екстерните испити, поради пандемијата од ковид-19, информираат од владината Прес-служба.
Во соопштението се додава дека претседателот на Владата и Сојузот се согласија дека прашањата за екстерните испити ќе го опфаќаат материјалот заклучно со март со што не е опфатен периодот кога беше штрајкот на образовниот кадар.
– Банките со прашања за интерните испити ќе бидат споделени со ученици најмалку три недели пред денот на испитот. Базата на прашања за интерните испити ќе биде споделена, а за екстерните испити, на веб страницата на Државниот испитен центар (ДИЦ) се објавени тестовите од сите претходни години. Прашањата се соодветни на испитите од минатите години и ќе бидат опфатени во еден ПДФ документ на веб страната на ДИЦ, односно ДИЦ ќе изготви Каталог на прашања за екстерните испити, се додава во соопштението.
На состанок, премиерот Ковачевски повтори дека тој сосема ги разбира барањата на средношколците и како универзитетски професор секогаш во соработка со министерот за образование и наука и останатите образовни институции ќе се ангажира за обезбедување квалитетен образовен процес во континуитет.
– По однос на барањето од претставниците на Сојузот на средношколци за продолжување на рокот на изработка на проектна задача, како дел од државната матура беше одговорено дека тоа веќе е сторено и до 16 мај (понеделник), оние 10 проценти од матурантите во државата (1.598 ученици) кои сѐ уште немаат завршено со овој, клучен дел од матурскиот испит, ќе можат тоа да го сторат во продолжениот рок. На денешниот состанок, сите учесници се согласија дека матурата е заокружување на еден дел од образованието и учениците коишто не планираат да продолжат со образованието, имаат избор да полагаат или само училишна матура или завршен стручен испит во зависност од нивното училиште, се нагласува во соопштението.
Воедно по барање на Сојузот беше договорено да се спроведе и дополнителна испитна сесија за оние матуранти кои во испитниот период не би можеле да полагаат заради спреченост од вирусот ковид-19.
– На денешниот состанок со премиерот, присутните претставници на Сојузот на средношколци го запознаа премиерот Ковачевски со нивното барање и подготвените предлози од нивна страна за измена во Законот за средно образование, а кои се однесуваат на барањето бесплатниот јавен превоз да биде достапен за сите средношколци, без разлика дали наставата ја посетуваат во јавно или приватно средно училиште, како и да се дефинираат одредени училишта кои заради потребата од пракса имаат потреба од превоз и преку летото, се вели во соопштението.
Во оваа насока, од претставниците на Сојузот на средношколци беше поздравена Одлуката на Владата на Македонија преку Министерството за транспорт и врски и Железници на Македонија Транспорт АД – Скопје да се воведе бесплатен превоз во железничкиот сообраќај за сите ученици во средното образование, еднаш неделно, во среда, а која Одлука е согласно мерките за намалување на трошоците на живот за граѓаните и со цел поттикнување на железничкиот сообраќај како најевтин и еколошки превоз.
– Претставниците на Сојузот на средношколци го запознаа премиерот Ковачевски и со нивната иницијатива „Лидер/ка на училиште, лидер/ка во иднината“, која ја спроведуваат заедно со ИДУЕП, а за цел има воведување на средношколска демократија во сите средни училишта од државата и регулирање на средношколското организирање за првпат во историјата. Денешниот состанок од сите учесници, беше заокружен со изразување задоволство од планираната нова концепција на матура, којашто ќе биде согласно потребите на актуелното културно и општествено живеење, а која веќе се подготвува од Министерството за образование и наука, Државниот испитен центар и во соработка и учество на сите засегнати страни, се додава во соопштението