Во Уставниот суд денеска се одржа тркалезна маса на тема „Воведување на уставна жалба?“, на која се обрати претседателот на Судот Дарко Костадиновски, заедно со премиерот Христијан Мицкоски и претставници на меѓународната заедница.
Костадиновски нагласи дека воведувањето на уставна жалба е неопходен чекор за зајакнување на заштитата на човековите права, овозможувајќи им на граѓаните директно да се обратат до Судот кога ќе ги исцрпат сите други правни средства.
– За мене никогаш не постоела дилема за потребата од воведување на уставната жалба, туку прашањето е кои права треба да добијат директна уставно-судска заштита – истакна тој.
Во своето обраќање, претседателот на Уставниот суд посочи дека институцијата во минатото не секогаш ја остварувала својата улога во целост и дека сега е потребно да се зацврсти нејзината независност.
– Уставниот суд е најнереформираната институција во нашиот поредок. Времето за подлабоки реформи одамна е дојдено – нагласи Костадиновски.
Тој повика на донесување закон за Уставниот суд со двотретинско мнозинство и на целосно ослободување на судското одлучување од политичко влијание.
– Политиката треба да ги тргне рацете од уставното судство. Судот мора да функционира како натпартиска и независна институција – рече Костадиновски.
Како позитивен чекор ја посочи и одлуката за јавно пренесување на седниците, со цел зголемување на транспарентноста и довербата во институцијата.
На настанот беше истакната и важноста од зајакнување на владеењето на правото, при што беше посочено дека независноста на уставните судови е клучна за заштита на основните права и одржување на балансот меѓу властите.
Костадиновски изрази надеж дека денешната дебата ќе биде почеток на конкретни чекори кон реформирање на уставното судство и подобрување на правната сигурност во државата.































