Фото: Фејсбук

Уставниот суд има потреба од закон за доуредување и статус кво состојбата нема да донесе никому ништо добро, порача претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, по отворањето на тркалезната маса „Дали ни е потребен Закон за Уставен суд?“, изразувајќи надеж дека јавната дебата ќе резултира со правилно адресирање на сите прашања.

Костадиновски посочи дека има поделени мислења и во струката и во науката по оваа тема, но нагласи дека неговиот став е јасен – дека се залага за Закон за Уставен суд, но не каков било, туку или да се даде уставен основ за 2/3 закон или Уставен закон за доконкретизирање на уставните одредби.

– Иако по години сум најмлад, јас сум најстар по стаж судија овдека и ја гледам потребата. Ние имаме потреба од закон за доуредување. 34 години е предолг период, таков каков што бил овој суд, со право не само претседателката на државата, секој граѓанин може да праша која е улогата на Уставниот суд изминатите 34 години, како е можно денеска да имаме историска најголема недоверба во комплетниот апарат. Значи, ништо не направил и треба да бидеме самокритични. Затоа ова за мене е многу важна тема и еден од приоритетите како претседател на Судот – изјави Костадиновски, на прес-конференција по отворањето на тркалезната маса, организирана од Уставниот суд со поддршка на Делегацијата на ЕУ во Скопје, преку механизмот ИПА 3.

Актуелноста на темата, нагласи Костадиновски, не е исчезната во период од 34 години, односно од донесувањето на нашиот Устав од 1991 година и целта на денешната тркалезна маса е да се отвори повторно јавна дебата за неопходноста од реформа на најнереформираната институција во нашата држава.

– Статус кво состојбата нема да донесе никому ништо добро… Треба да бидеме свесни во каква реалност живееме денеска и дали оваа статус кво состојба на Уставниот суд во поглед на нејзината нормативна рамка и надлежности ни донесе нешто добро – изјави Костадиновски.

Според Костадиновски, со право се критиките и Уставниот суд предолго време бил инертен и самиот Уставен суд треба да ги иницира реформите, затоа што, како што вели, ние „најдобро знаеме со што се соочуваме во нашата работа“.

– Што новиот закон би можел да донесе. Една од најчестите критики е генеричкиот термин „истакнат правник“. Не е невозможно да се објективизира и прецизира кој се може да биде судија. Граѓаните имаат право да знаат кои се уставните судии. Начинот на избор на судиите е скромно транспарентен. Граѓаните се лишени да знаат кои се кандидати, кои се избрани, па дури и како работат. Начинот на избор на уставните судии да биде, како со ДКСК, со претставување пред пратениците, граѓаните да ги видат. Потоа, правното дејство на нашите одлуки и следењето, извршувањето и последиците од неизвршувањето на нашите одлуки – појасни Костадиновски.

Во Уставниот суд денеска се одржува тркалезна маса на тема „Дали ни е потребен Закон за Уставниот суд?“ која има цел да отвори дебата за потребата од донесување на посебен закон што би го регулирал работењето на Уставниот суд, преку дијалог меѓу претставници на институциите, правната струка и граѓанскиот сектор. Воведни обраќања на дебатата имаа и Претседателката Гордана Сиљановска Давкова, како и Михалис Рокас, амбасадор на Европската Унија, Петра Дрекслер, амбасадорка на Германија и Анџела П. Агелер, амбасадорка на САД.