Архивска фотографија од лидерска средба на Мицкоски и Филипче - Фото: Маја Јаневска Илиева

Премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска го обвини опозицискиот СДСМ дека „со понудената декларација за македонските црвени линии во однос на бугарските барања, се обидува да го измами народот“, бидејќи, како што рече, „сите знаат колку вредат нивните црвени линии“.

– Додека ние се бориме за чесна и успешна Македонија, гледаме за што се борат нашите противници. Гледаме дека нашите противници повторно се обидуваат со трикови и празни декларации да го измамат народот. Најавуваат некакви црвени линии за Бугарија, но во суштина знаеме што вредат и колку вредат и колку траат нивните декларации. Но она што уште не можам да разберам е на кого му праќаат сигнал? На кого се заложници? До кога ќе трае нивниот аранжман? – реагираше денеска премиерот Мицкоски.

Неговата реакција следува неколку дена откако опозицискиот лидер Венко Филипче ја објави Резолуцијата изготвена од неговата партија за враќање на евроинтегративните процеси во преден план и која, според Филипче, е „најпатриотскиот документ“.

– Нашиот народ добро памети до пред само една година каква власт имаше СДСМ и ДУИ и што направи. Ги памети и оние траги-комични изјави за македонската жица која свири во душата на нивниот поранешен премиер и сегашен гуру, ги памети и изјавите дека Уставот нема да се менува и ветувањата кои ги даваше додека сите овие сега кои се во раководството му ракоплескаа. Сега таа иста екипа нуди резолуција која нема да ја почитуваат – рече Мицкоски.

На оваа критиката од власта реагираше лидерот на СДСМ, Венко Филипче, кој рече дека „жали што премиерот дал таква изјава“.

– Искрено жалам што таква изјава даде премиерот. Прво, сè што е наведено во таа резолуција е точно, и да кажам, многу прецизно. Таму се наведени историски факти, наназад резолуции претходно донесени во Собранието. Точно е наведено што во тие резолуции претходно е веќе заштитено – рече Филипче.

Тој додаде дека „Предлог резолуцијата отвара простор за долгорочен национален договор за прашањата за кои, како што рече, никогаш не треба да се преговара“, и дека партиите треба да покажат зрелост и да се обединат околу оваа резолуција.

Тој, одговарајќи на новинарски прашања, денеска рече дека СДСМ и би прифатил резолуција понудена од ВМРО-ДПМНЕ.

„Апсолутно, и ова е дел од нашата конструктивност. Не знам што може по македонско да биде од ова, но ајде да видиме“, рече Филипче.

Премиерот Мицкоски пред неколку дена најави дека по локалните избори ВМРО-ДПМНЕ ќе излезе со декларација „која вистински ги брани македонската вистина и македонските интереси“.