ФОТО: Зоран Антоски/Илустрација

Во пресрет на големиот празник Илинден во Куманово ќе се одржи тридневен коњички марш кој почнува денеска, а ќе заврши на 2 август, најави Иван Цветковски од кумановското село Тромеѓа. Тој ги покани кумановци да ги пречкаат јавачите. Настанот како што кажа има симболична и културно-историска вредност.

Маршот започнува денеска во 17:00 часот од црквата „Св. Димитриј“ во село Тромеѓа, коњицата ќе се движи низ населбите Карпош, Ајдучка Чешма, Перо Чичо и ќе заврши  пред училиштето во населбата Иго Тричковиќ.

Вториот ден, на 1 август, стартот повторно е закажан од Тромеѓа во 18:00 часот. Коњаницата ќе продолжи кон Доброшане, ќе финишира кај црквата „Св. Илија“. На 2 август, ќе се реализира централниот настан коњички параден марш низ улиците на Куманово. Движењето ќе започне во 18:00 часот од Тромеѓа, а свечениот завршеток е планиран пред спортската сала.

– Коњаницата е симбол на достоинството, истрајноста и љубовта кон родната земја. Идејата за маршот се роди пред повеќе од три години, но дури оваа година се создале основните услови за нејзина реализација – вели Цветковски.

Тој нема институционална, финансиска или каква било поддршка и негова желба е да ја промовира историјата, културата на македонскиот народ.

Љубовта кон коњите и кон македонската традиција е водилка за Цветковски, инаку поранешен припадник на АРМ. Коњаниците ќе бидат облечени во соодветна облека, за која со совети им помогнале стручните лица од НУ Музеј Куманово. Тој самостојно одгледува коњи во својот двор во село Тромеѓа. Во иднина планира да создаде мала ергела со дополнителен капацитет за развој на рурален и културен туризам во кумановскиот крај.

-Коњите бараат голема грижа и вложување. Само за еден коњ месечно се потребни од 150 до 200 евра, а понекогаш и повеќе, ако се јават здравствени компликации. Но тоа не ме обесхрабрува. Ова е начин на живот. Желбата ми е да изградиме ергела со конак, соби за престој, презентации на традиционална храна и носии, сè што би можело да ја претстави нашата култура пред поширока публика – вели Цветковски.

 

Значајна  компонента ќе биде традиционалната облека,  кумановски носии.

– Јас сум човек кој сака ред, дисциплина и симболика. Затоа и нашите носии ќе бидат со внимателно избрани елементи и усогласени. Сакаме да покажеме дека традицијата може да биде модерна и привлечна – додава Цветковски.
Организаторите ги повикаа граѓаните на Куманово да го проследат настанот и да дадат поддршка на иницијативата.