Фото: МИА

Во интерес на сите е изборите да поминат во најдобра демократска атмосфера. Вообичаено е да има и зголемување на интензитетот на изборната кампања, навикнати сме, но сепак тоа да биде во некои прифатливи демократски рамки кои ќе остават позитивен впечаток за целиот изборен процес, вели во интервју за МИА претседателот на Државната изборна комисија (ДИК) Борис Кондарко.

Дваесетдневната изборна кампања за Локалните избори на 19 октомври започнува утре и трае до 17 октомври на полноќ.

– Иако ДИК не е надлежна да се меша во делот и да ја следи изборната кампања, ние сме надлежни само за текот на гласањето во самите избирачки места на денот на гласањето, сепак во интерес на сите и на ДИК и на учесниците, и на граѓаните и на државата која ги организира овие избори, е изборната кампања да помине во најдобар ред односно во коректна атмосфера. Вообичаено е на секои избори да имаме различна реторика, меѓутоа тоа е избор, пак, ќе речам на учесниците на изборите, на политичарите, на кандидатите и на партиите како ќе им пристапат на граѓаните. Право на избор е граѓаните сами слободно да одлучат. Коректно е изборната кампања да биде со почитување и на политичкиот противник но и, пред се, со почитување на законските прописи и тоа не само на оние што е предвидено со Изборниот законик туку и на оние што се наменети за учесниците од страна на сите други институции кои се надлежни да го контролираат текот на изборите, трошењето на средствата, начинот на кој се однесуваат кандидатите, политичките партии итн – изјави Кондарко.

На изборите, како што соопшти Кондарко, ќе учествуаат 309 кандидати за градоначалници, додека бројот на потврдени листи за советници е 576.

– Бројот на партии кои учествуваат на овие избори е 22 партии, за споредба со 2021 година кога биле 27 партии. Сега имаме нешто повеќе коалиции 19 на број. Во 2021 година сме имале седум на број коалиции. Тоа се должи на фактот што поголемите политички партии СДСМ има четири различни коалиции кои настапуваат како четири различни субјекти во зависност на бројот на партии, видот на партии внатре во коалицијата се како посебни субјекти, во различни општини, додека ВМРО – ДПМНЕ има 11 посебни коалиции. Бројот на група избирачи, значи независни кандидатури што по Закон се означуваат како група избирачи, е 119 на овие локални избори. Нешто помал бил бројот во 2021, нешто над 90 – рече претседателот на ДИК.

Право на глас на локалните избори имаат 1 832 415 гласачи, од кои 1 717 803 во земјата додека останатите 112 илјади се запишани во посебниот избирачки список со лица кои се одјавиле и се на привремена работа и престој во странство, 2 162 гласачи кои се на издржување казна затвор или притвор и 450 гласачи кои ќе остварат гласачко право во старските домови. Гласање во дијаспората за локалните избори нема, но доколку лицата кои се на привремена работа или живеат во странство допатуваат во земјата ќе можат да го остварат своето право на глас.

Иако бројот на кандидати за градоначалник за Град Скопје е голем односно 16 и има поголем број на советнички листи, Кондарко смета дека тоа нема да се одрази на времето за гласање и не очекува никакви проблеми. Постапката за гласање останува иста како и на минатите избори, но нагласува дека иако има две избирачки ливчиња во 80-те општини и четири во Скопје ќе има само еден Избирачки список бидејќи се работи за еден вид на избори.