Комората на приватно здравство при Сојузот на стопански комори на Македонија, реагира на одлуката на Комисијата за заразни болести, матичните лекари да дежураат во новите ковид-амбуланти. Предлог на Комората е решение за состојбата да се изнајде во модел за соработка меѓу јавен правен субјект и приватен правен субјект кој ќе се заснова на договор за соработка.
– Матичните лекари се доктори вработени во приватни здравствени установи, а не во јавно здравство, поради што и нема правни можности да им се наметнуваат обврски, туку соработката треба да биде на договорен основ, регулирана со соодветен правен акт. Како доктори и управители на приватните здравствени установи тие имаат обврски кон своите матични пациенти и кон ПЗУ како правен субјект, што вклучува континуирана здравствена грижа за сите матични пациенти, а не само за оние болни од ковид-19, како и издавање на рецепти, боледувања и другата административна работа што не може да се одложува – велат од Комората.
Комората ја повикува Комисијата да објави оглас на кој ПЗУ-и од општа медицина кои имаат волја да дежураат во ковид-амбулантите, ќе можат да се пријават, а соработката ќе биде регулирана со соодветен договор кој ќе биде склучен со здравствената установа и во кој ќе бидат наведени договорните обврски и услови за двете страни.
– Во таа насока во огласот, односно договорот, јасно треба да се дефинира платата, надоместокот кој ќе се добива за ангажманот во ковид-амбулантата, по примерот на плаќање на дежурствата во јавните здравствени установи, кои се регулирани со Колективен договор и Закон за работни односи. Законите треба да се почитуваат и да важат еднакво за сите поради што и не треба да се доведуваме во ситуација цената на трудот на лекарите од јавниот сектор да биде платена, додека од оние во приватниот сектор да се очекува да работат бесплатно – истакнува Комората во соопштението.
Комората за приватно здравство оценува дека матичните лекари во текот на целата пандемија понесоа поголем дел од товарот, а при тоа не добија соодветна поддршка.
– Но, и покрај тоа, ставајќи ја грижата за пациентите на прво место поддржуваат креирање на соодветни решенија кои ќе го забрзаат движењето на пациентите низ системот и ќе придонесат за побрза дијагностика и соодветен и ефикасен третман, но тоа би требало да биде на начин на кој сите нешто ќе добијат и никој нема да трпи директна штета. Во однос на функционирањето на ковид-амбулантите треба да се преиспитаат и дополнителни можности за ангажирање на лекарите од секундарното ниво на здравствена заштита, бидејќи според информациите кои ги објавува Комисијата за заштита од заразни заболувања во овој бран на ковид-19 нема зголемен број на пациенти со компликации кои бараат болничко лекување, што значи дека лекувањето се спроведува на примарно ниво односно кај матичните лекари, а оние од специјалистичките и болнички здравствени установи не се многу оптоварени, што би значело дека има можности за дополнително да се ангажираат – наведува Комората.
Комората на приватно здравство е деловна мрежа во која членуваат приватните здравствени установи од сите сектори, општи лекари, стоматолози, аптеки и веледрогерии, различни медицински специјалистички ординации.