Министерот за здравство Азир Алиу најави дека лекарите од странство кои се дел од Комисијата што ги проверува наводите за непотребни кардиолошки интервенции во некои клиники во земјата сè уште работат на анализата, а деталите од нивниот извештај најверојатно ќе бидат соопштени следната недела.
Случајот со можни непотребни интервенции беше отворен откако на проблемот јавно укажа академикот Сашко Кедев, пренесе МИА.
Алиу изјави дека засега нема нови информации за текот на работата на комисијата, но очекува во текот на наредната недела да одржи прес-конференција на која ќе бидат презентирани резултатите.
-Тие сè уште работат. Денеска немам нови информации до каде се со анализата. Најверојатно следната недела ќе одржиме прес-конференција и ќе ги соопштиме деталите – рече министерот.
Во меѓувреме, Алиу информираше дека е во тек процесот за спојување на клиниките за кардиологија и кардиохирургија во нов Национален институт за кардиоваскуларни болести во рамки на комплексот Клинички центар „Мајка Тереза“.
Според него, институционалните процедури се речиси завршени, а по одлуката на Владата потребно е да поминат 30 дена за правно да се финализира процесот. Во меѓувреме е назначен и директор кој ќе го администрира спојувањето на двете клиники.
Министерот нагласи дека идејата е дел од владината програма за постепено обединување на универзитетските клиники во рамки на кампусот „Мајка Тереза“, со цел подобрување на организацијата и квалитетот на здравствените услуги.
-Целта не е влошување на услугите, туку нивно подобрување. Двете клиники се наоѓаат во иста зграда и имаат тесно поврзана дејност, па затоа процесот започнува токму од нив – истакна Алиу.
Тој призна дека кардиохирургијата се соочува и со недостиг од анестезиолози. Министерството, како што рече, води разговори со професори од Словенија и Италија, но паралелно се обидува да ангажира и македонски лекари кои работат во странство. Со еден анестезиолог, според него, веќе се водат завршни разговори за склучување договор.
Како долгорочно решение се подготвуваат и законски измени со кои ќе се скрати времетраењето на специјализациите. Во Македонија тие траат и до шест години, додека според стандардите на Европската Унија обично се движат од три до четири години.
































