Фото: Принтсктин

Актуелните безбедносни предизвици ја нагласуваат потребата сите 32 сојузнички земји, меѓу кои и Македонија, да настапуваат единствено и координирано во одбраната на територијата на Алијансата, порача Генералниот секретар на НАТОМарк Руте, од касарната „Илинден“.

Обраќајќи се пред припадниците на Лесната пешадиска баталјонска група, Руте ја истакна важноста од заедничко делување и колективна одговорност, притоа пофалувајќи го придонесот на земјата во рамки на НАТО од нејзиното членство во 2020 година. Тој посочи дека е особено импресиониран од учеството во копнените операции, поддршката за Украина и цврстата определба за заштита на секој сантиметар од сојузничката територија.

 – Навистина ми е чест што сум овде. Ви посакувам сè најдобро. Останете безбедни – и чувајте нè безбедни – порача Руте на крајот од обраќањето.

Во рамки на посетата, министерот за одбрана Владо Мисајловски и началникот на Генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски, му врачија Големи плакети на Армијата на генералниот секретар.

Ова е негова прва официјална посета на Скопје како прв човек на НАТО, додека во ноември 2021 година тој беше во земјава во својство на премиер на Холандија.