Коледарската песна која уште рано утрово одекнуваше пред домовите. Децата го најавија еден од најголемите христијански празници, Божиќ.
Денеска е коледе, утре е Божиќ…, изутринава се слушаше пред вратите.
Децата коледари се првите весници на празникот. Коледарите со песна и торби во рацете го најавуваат Христовото раѓање.
За прекрасната вест што им ја носат домаќините ги даруваат коледарите со костени, ореви, јаболка, бонбони и по некоја паричка.
Според македонските обичаи, славењето на божикните празници започнува на 5 јануари. Вечерта спроти Бадник, првите коледари го палат коледарскиот оган и притоа се пеат песни. Утрото децата коледари пејат пред домовите. На Бадник семејството се собира и се подготвува за прослава на еден од најрадосните христијански празници, Божиќ. Негова одлика се љубовта и едноставноста. Бадник е ноќта на мирот, радоста, љубовта и сплотеноста.