Фото: „Нова Македонија“
  • Градоначалникот Менди Ќура и неговиот тим имаат обврска пред сè да обезбедат основен предуслов за живот – здравствено исправна вода. Дури потоа следуваат комисии, анализи и утврдување одговорност. Наместо итна мобилизација на сите ресурси, впечатокот е дека се чека природата да си ја заврши работата, заматеноста сама да се сталожи, а кризата – сама да избледи. Регистрираните недостатоци деновиве од нашата непосредна теренска опсервација (ископи, диви депонии и физичко загрозување на заштитената зона) сѐ уште се актуелни, а за тоа сведочат и фотографиите што беа направени вчера од нашиот истражувачки тим

Додека матноста на водата од изворот Шум постепено се намалува, довербата на граѓаните во локалната власт во Струга оди во спротивна насока – надолу. По една недела рестрикции, стружани сè уште немаат квалитетна пивка вода, а официјалните соопштенија звучат повеќе како обид за смирување на јавноста отколку како план за решавање на кризата.
Последните мерења на Центарот за јавно здравје од Охрид покажуваат дека матноста на изворот Шум изнесува 3,62 проценти. Во градот вредностите се движат од 3,69 до 2,75 проценти, додека најниски се регистрирани во селата Заграчани (1,98) и Ложани (1,93 отсто). Но суштината останува иста – системот не е доведен во рамките што здравствените служби ги сметаат за безбедни и законски дозволени.
Според д-р Лидија Симоноска, специјалистка по хигиена и здравствена екологија во Центарот, максималното дозволено ниво на матност за водата да биде безбедна изнесува 1,5 проценти. Сè над тоа значи ризик. А ризикот не се релативизира со фрази од типот „има подобрување“. Подобрување што не е доволно – не е решение.
Да потсетиме: на 9 февруари матноста изнесуваше 28,56 проценти, на 11 февруари – 10,17, на 13 февруари – 7,3 проценти, денес – нешто над 3 проценти. Трендот е во опаѓање, но водата и понатаму не е безбедна. Забраната останува. Граѓаните и понатаму се снаоѓаат како знаат и умеат – со амбалажирана вода, со трошоци што не ги планирале, со нервоза и чувство дека се оставени сами.
Во вакви околности, логично би било локалната самоуправа да покаже енергична, координирана и транспарентна акција. Наместо тоа, јавноста сведочи на префрлање на одговорноста, барање виновници и најави за утврдување пропусти. Сето тоа можеби е потребно – но не како прв чекор.
Градоначалникот Менди Ќура и неговиот тим имаат обврска пред сè да обезбедат основен предуслов за живот – здравствено исправна вода. Дури потоа следуваат комисии, анализи и утврдување одговорност. Наместо итна мобилизација на сите ресурси, впечатокот е дека се чека природата да си ја заврши работата, заматеноста сама да се сталожи, а кризата – сама да избледи.
Регистрираните недостатоци деновиве од нашата непосредна теренска опсервација (ископи, диви депонии и физичко загрозување на заштитената зона) сѐ уште се актуелни, а за тоа сведочат и фотографиите што беа направени вчера од нашиот истражувачки тим.

2.
Водата не е политичка тема што може да се релативизира со соопштенија. Таа е основно човеково право. Кога граѓаните со денови немаат пристап до безбедна вода за пиење и за домаќинствата, тоа не е само технички проблем – туку прашање на одговорност, приоритети и морал.
Стружани не бараат чуда. Тие бараат функционален систем. Бараат локална власт што ќе ги стави нив и нивните потреби на највисок пиедестал, како што им прилега на оние што вршат јавна функција. Наместо да лови во матна вода и да ја заматува дополнително вистината со меѓусебни обвинувања, општинското раководство треба јасно да покаже дека знае што му е мандатот и кому му служи.
Затоа што, на крајот, прашањето не е само колку проценти изнесува матноста. Прашањето е колку проценти од одговорноста некој е подготвен да преземе. Н.М.