Претседателката на Независниот синдикат на ГОБ „8 Септември“ јавно праша кој ќе ги плати каматите од кредитите кои тие ги имаат, бидејќи не можат да платат рата оти немаат земено плата. Според неа, пробиениот рок од пет дена за исплата на пари за минатиот месец, ги оставил вработените во болницата без пари.
-Протестот е организиран поради незадоволство поради неземена плата која требаше да биде земена на 10 февруари и доцни 10 дена. Пробија и законски рок. Луѓето немаат пари, имаат кредити. Кои ќе ги плаќа каматите? Тука има луѓе кои земаат по 18 илјади нето плата – рече Рената Ѓаконовиќ, претседателка на независен синдикат на ГОБ „8 Септември“.
Таа посочи дека во болницата има вработени кои работат само за егзистенција, со мал личен доход.
-Добивме известување од Управата на болницата во кое се вели дека овој протест нема да биде официјален. И не е официјален. Синдикатот е репрезентативен, имаме доволно членови и сме репрезентативни. Во една институција може да постојат неколку синдикати ние функционираме неколку години. Луѓето не треба да бидат обесхрабрени, треба да излезат и да си го кажат својот глас и мислењето. Тоа што го бараат е законско право на секого – додаде таа и дополни: „Ќе останат само минимален број кадар кој ќе работат со овие пациенти. Жално е да остане Македонија без квалитетен здравствен кадар“.
Се размислува за штрајкови, а опција се и блокади, потенцираше Марјан Ристески претседател на Синдикатите за заштита на правата на работниците (КСОМ) на мирниот протест пред „8 Септември“ каде вработените бараат исплата на платата за јануари.