Според преданието, градот Дебар се наоѓал кај денешното село Граждани – денес во Албанија, а потоа се преместил и се прилепил до старото село Раовник (Орехово), а пак друго предание вели дека селото Коџаџик „пред доаѓањето на Турците и долго време потоа се викало Оровник“. Менувањето на положбата на имињата на градовите била многу честа појава во историјата. Името Дебар како име на областа било во употреба уште во првите децении од отоманското освојување. Името Дебар се појавува и во опширниот пописен дефтер бр.4 од 1467/68 година, меѓутоа, не е јасно дали се мисли на областа или на градот
Во средниот век постоеле Горни Дебар, а тоа е денешен Дебар во Република Македонија, и Долни Дебар, на местото на денешниот град Пешкопеја во Република Албанија. Според преданието, градот Дебар се наоѓал кај денешното село Граждани – денес во Албанија, а потоа се преместил и се прилепил до старото село Раовник (Орехово), а пак друго предание вели дека селото Коџаџик „пред доаѓањето на Турците и долго време потоа се викало Оровник“. Менувањето на положбата на имињата на градовите била многу честа појава во историјата. Такви примери има: Византион – Константинопол – Истанбул – Цариград. Потоа во османлискиот период Битола се преименува во Манастир, Тетово во Калканделен, Железнец во Демир Хисар, Свети Град, кое е исто така друго име за Дебар, во Коџаџик. За постоењето зборуваат и историските извори.
Имено, Дебарската Област била во рамките на српската средновековна држава, во светостефанската хрисовула, меѓу другите игумени на ораовничкиот манастир, кој се наоѓал кај селото Ораовник во Горни Дебар. Во средината на XV век, во регионот на Горни Дебар беснеела војната на Ѓерѓ Кастриот Скендербег против отоманските освојувачи. И тука кога се зборува за таа војна се спомнува населбата „Oronicheus“, која според Марин Барлети се викала и Oronichius: „vet notiori vokabulo Oronichius appelattus“. Населбата лежела во едно мало поле во Горни Дебар, односно Раовник лежел на работ на дебарското поле, во пазувите на планината Крчин, петнаесетина километри северозападно од Коџаџик. По паѓањето под османлиска власт, тој станал административен и стопански центар на целата Дебарска Област. Според М.Соколовски, во XV и XVI век „населба со називот Дебар не постои, а постои Раховник, како централно седиште на Дебарската околија“. Ова од причина што во пописните дефтери од XV век и во повеќето од нив во XVI век, Дебар како населба не постои. Кон крајот на XVI век, за градска населба се употребува и името Дебар. Поконкретно, во заповедта до дукаѓинскиот бег и до кадиите на Тетово и Дебар од 1595 година е забележано и името на касабата Дебар. Меѓутоа, уште на почетокот на векот, во1519 година, Раховник е забележан како касаба – гратче. Според пописниот дефтер бр.25 за Охридскиот санџак од 1583 година, Раховник е град и седиште на целата дебарска кааза. Според М.Соколовски, споменатата населба го добила името Дебар во текот на XVII век.
Според истражувањата на Иван Снегаров, во X век, Дебар како град не постоел. Но веќе во Диканжовиот список на поглаварите на Охридската архиепископија, кој потекнува од средината на XII век, се вели дека првиот архиепископ од византискиот период, односно по 1018 година – Јован, бил од с. Агноандики – Дебар. Меѓутоа, познато е дека уште на почетокот на XII век, конкретно во 1018 година, охридскиот архиепископ Теофилакт упатил писмо до дебарскиот владика. Исто така, во трите списоци на епархиите на Охридската архиепископија, кои потекнуваат од крајот на XI век, е внесена и епархијата Дебарска, а истото се потврдува и во кореспонденцијата на Теофилакт (Ј.Белчовски, Охридска архиепископија од основањето до паѓањето на Македонија под турска власт, Скопје 1997, стр.165-169)
Византиската писателка Ана Комнена од крајот на XI век, зборува за напорите што државата ги правела да го одбрани градот Дебар од Норманите, па дава опис на малите реки што се влеваат во поголемата река Дрим, кај градот Дебар. Во средината на XIII век, Георгиј Акрополит двапати поминал преку Дебар, на пат од Албанија за Прилеп. Кон крајот на XIII век, за време на кралот Милутин, Дебар паднал во рацете на средновековната српска држава. Се вели дека била освоена „земља дебарска са свима градовима и државама њиховим“. Во договорот од 1308 година, меѓу Србија и Каро Валоа е ставена и „contrite de Debar“.
Податоците што ги дава Марин Барлети, биографот на Ѓерѓ Кастриот-Скендербег, зборуваат за постоењето на градот во XV век, па и порано. Името Дебар, како име на областа било во употреба уште во првите децении од отоманското освојување. Името Дебар се појавува и во опширниот пописен дефтер бр.4 од 1467/68 година, меѓутоа, не е јасно дали се мисли на областа или на градот. Инаку, јасно се гледа дека попишувачот правел разлика меѓу Дебар и Коџаџик. Коџаџик е топоним од турско потекло, така што со појавата на новите господари – Коџаџик, го потиснал името Дебар. По исчезнувањето на населбата Јамборија, за подолго време исчезнал и споменот на средновековниот град Дебар. Неговото име е заменето со Коџаџик, исто како што се случило и со имињата на средновековните градови.
За првпат за Коџаџик се дознава од пописниот дефтер бр.303, кој датира од 1453 година и во кој, тој град се споменува. Нешто подоцна во 1466/67 година, во пописниот дефтер 508, Коџаџик се споменува и како град и како село. Во следниот период Коџаџик постоел како одбранбено отоманско воено упориште. За време на Ѓерѓ Кастриот-Скендербег, на поседот на Коџаџик се воделе тешки борби. Коџаџик бил мал град и лежел на стрмна карпа, која се одделила од каменен рид, кој израснал од пазувите на Стогово. Градот е отворен кон Дебар и дебарското поле. Сѐ до денес се зачувани урнатини од градските sидови и кули. Градот доминирал и ги контролирал комуникациите за Мат, Цидна, Елбасан, за Полог, Кичево и Охрид.
Автори што пишувале за минатото на Дебар
Константин Иричек објаснува дека името на Дебар доаѓа од зборот долина, што на латински значи Деборос. Зборот Дебар, според Г. Баласчев, произлегува од Де-бре, Ди-бара и Ди-бра, што е остаток од тракоилироманските елементи во старословенскиот јазик. Но зборот дебар ѝ е познат на историјата уште од пред Христа. Во еден стар ракопис се вели: „Во 268 година пред Христа за време на царувањето на императорот Клавдиј, Готите со 6.000 илјади кораби и 320.000 војници влегле во Света Гора, го опседнале Солун и дошле до Дебар, каде ги нападнала римската коњица и ги бркала до Ниш, каде ги стигнал Клавдиј“. Дебар се спомнува по пишани извори уште во времето на Римјаните на картата на Птоломеј (во вториот век од почетокот на нашата ера) во Дебарската Област, северозападно од Охрид, назначена е населбата Деборус (Deborus). (Д.Јаранов,Карта на Македонија Софија1933, В.С.Радовановиќ Дебар, Народна енциклопедија, кн.I стр.566). Понатаму Дебар се споменува во времето на доселувањето на Словените во една повелба на царот Василиј Втори (1018-1025). Во таа повелба Дебар во 1019 година се наведува како место што потпаднало под битолскиот владика (К.Н Костиќ, Наши нови градови на Југ, Београд 1922, стр.85). Во 1107 година, во Дебар упаднале Норманите, во кој се наведува посебен епископ дебарски. Дебар се спомнува во помен и од 13 век. Тогаш населбата како град се спомнува од византискиот пратеник Акрополит, кој дошол во Дебар во 1257 година, одејќи кон Драч.
Научникот Јастребов пишува: „Според Паганела и Пукевила тој град (Дебар) и во времето на Скендер-бег не постоел“. Ако се знае дека Скендербег почнал војна против Турците од 1444 до 1467-68 година, тогаш значи дека градот Дебар не постоел пред 15 век. Исто така, ќе го пренесеме искажувањето на Макушева што се однесува на градот Дебар. Таа пишува: „Кастриотите никогаш не владееле со Дебар и Светиот град“. И додава: „Дибри со Светиот град никогаш не им припадна на Кастриотите. Владетели на Дибри биле Комнени“. Дека Комнени владееле со Дебар потврдува и Јастребов.
Интересно е тврдењето дека по распаѓањето на Душановото царство, регионот на Дебарско бил поделен меѓу Волкашиновото царство и феудалците на Комнените. Еден од тие Комнени е и Мојсеј Комнен – голем Дебарски. Тој владеел со Елбасанско, Черменика, Голо Брдо, Дебарско, Црногорието, Грика Маде (сегашните Грика Маде и Грика Вогел) и дебаријата (Горни и Долни Дебар).
Пишувачите за минатото на Дебар немаат исто мислење каде точно лежел Дебар во Дебарската Област, кој се наведува за време на Римјаните и во средниот век. Така, по претпоставка на И. Јастребов и Р. Грујиќ, Дебар за време на нормандијското влегување како седиште на епископ може да биде денешна Пишкопеја (стара словенска Пискупија). Тоа е главното место на долнодебарскиот крај и лежи северозападно и надвор од Дебарската Котлина на територијата на Албанија. Т. Смиљаниќ претпоставува дека градот Дебар пред османлискиот период лежел на местото денес наречено Граждани. Ова место се наоѓа меѓу денешен Дебар и Пишкопеја (Debarski poljani I Rekanci,Narodna strana sv.33 Zagreb,str.60,61), исто така во тесната Дебарска Котлина. По Р. Грујиќ, денешното место кај што е Дебар го основале Турците (Р.Грујиќ, Дебарска епархија, народна енциклопедија,кн.I стр.566). Слично наведува и Т. Смиланиќ, нагласувајќи дека Дебар не е средновековен. И според Ј.Х. Василевиќ, денешен Дебар е од средината на 15 век, односно од периодот на Османлиите.
продолжува
(извадок од книгата „Дебар и Дебарско низ историјата“ од Ѓорѓи Илиевски)
Авторот е виш просветен инспектор во пензија