Нема никаков основ за интерпелација на претседателот на Собранието Африм Гаши, смета премиерот Христијан Мицкоски. Во одговорот на новинарското прашање за утрешната интерпелација на Гаши, Мицкоски е децедиден дека пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ нема да поддржи таква интерпелација.
– Апсолутно, нашиот став е јасен како ВМРО-ДПМНЕ и како пратеничка група на коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ дека ова е незрело, би рекол глупаво однесување на коалицијата СДСМ, ДУИ и Левица и дека апсолутно нема никаков основ за интерпелација на спикерот Гаши. Ние нема да ја поддржиме таквата иницијатива – изјави Мицкоски.
Премиерот посочи дека имаат голем број аргументи, зошто не ја поддржуваат интерпелацијата за претседателот на Собранието, Гаши.
– Затоа што разликата на водењето на Македонија меѓу оваа Влада и онаа Влада предводена од СДСМ и ДУИ е огромна, односно тоа веќе и се чувствува и насекаде можете низ Македонија да забележите дека надежта кај граѓаните е дека конечно ќе успееме, дека доста се порази и дека конечно ќе почнеме да победуваме – изјави Мицкоски, кој присуствуваше на првиот училишен ден во ООУ „Стив Наумов“ во населбата Автокоманда во Општина Гази Баба.