Директорот на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) Сашо Клековски вели дека недостигот на дел од терапијата за онколошките пациенти е поради промени во системот за јавни набавки, но најавува дека пред велигденските празници сите лекови ќе бидат достапни во стабилни количини.
– Во моментот се реализира јавната годишна набавка, таа е отворена минатиот петок, заради технички проблеми во Бирото за јавни набавки односно промена на системот се доцнеше. Тендерот е отворен, очекуваме контрола од Бирото за јавни набавки и пред велигденските празици сите лекови да бидат достапни во стабилни количини за наредните 12 месеци – рече денеска Клековски, во одговор на на новинарско прашање зошто од 12 март недостига дел од терапијата за онколошките пациенти.
Клековски учествуваше на панел-дискусија за зголемување на капитациониот бод во примарната здравствена заштита, што ги опфаќа матичните лекари од областа на општата медицина, гинекологијата и општата стоматологија.