Директорот на Фондот за здравствено осигурување Сашо Клековски денеска изјави дека бројот на поплаки од семејствата на повредените во пожарот во Кочани е значително намален и дека огромен дел од здравствената заштита на повредените е покриена од страна на државата, а не од донации.
– Еден дел од барањата не се за лекови, туку се во однос на боледувања кои веќе излегуваат надвор од законот, а ние не можеме да правиме нешто надвор од законот. Во однос на боледувањата, дел се однесуваат за должината на боледувањето на придружниците и колку придружници можат да користат боледување, бидејќи нашиот закон во основа предвидува еден придружник и ограничено време. Меѓутоа бараме решение и за ова бидејќи сме свесни дека се уште имаме повредени пациенти во болница – рече Клековски во изјава за медиумите дадена по денешната средба со медиумите на која даде осврт на сработеното во изминатата една година.
Во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани загинаа 62 лица, а околу 200 беа повредени. Повредените по првичниот третман беа препратени на лекување во странство, а по нивното враќање во земјава сега се во процес на рехабилитација.