Фото: Фонд за здравствено осигурување

Супервизијата од тројцата странски доктори е како што беше во случајот со Онкологија, е да внесеме дополнително уверување на јавноста дека постапката ќе биде објективна, изјави на денешната прес-конференција, директорот на ФЗО, Сашо Клековски, во врска со изјавите на кардиологот Сашко Кедев, дека се прават непотребни операции и стентирања.

За интерната комисија задолжена за изготвување прелиминарна анализа на кардиолошките и кардиоваскуларните интервенции во здравствените установи во државава, тој рече дека имаат целосна доверба оти ќе ја заврши работата, бидејќи потребната документација е достапна.

– Комисијата има врвни доктори од сите клиники. За повеќето постапки што ние ги финансираме има точно одредени протоколи по што се постапува. Јас не верувам дека во една 15-члена комисија може да се заташка или да се влијае некако. Во основа таму методологијата сè уште се дискутира. Едно е да биде по доставени случаи, второто да се прави слепа контрола на избран пример – одговори тој на новинарско прашање.

Клековски рече дека тој би се фокусирал на поскапите интервенции.

– Јас немав комуникација со професорот Кедев. Комуникацијата ја води министерот за здравство. Верувам дека ќе биде многу поедноставно ако има претставки. Конкретни претставки. Повторно повикувам. Секој еден граѓанин кој мисли дека му е направено и наплатено нешто што не требало да биде направено и наплатено, зборувам за кардиологија и кардиохирургија, да поднесе претставка. Дали тука, дали во Министерство за здравство, бидејќи многу би ја олеснило работата на комисијата ако имаме одредени претставки. Меѓутоа, ние мораме да направиме и слепа проба. Штом се отвори веќе расправата, затоа што слепа проба ќе ни одговори колку е масовна таа појава. Овде не е важно само дали има случаи, туку и колку ги има – подвлече Клековски.

Фондот денеска на прес – конференција поради зголемениот интерес на јавноста и медиумите, информираше за начинот на финансирање на кардиохируршките интервенции од страна на Фондот за здравствено осигурување, на која беше кажано дека Фондот дава целосна поддршка на работата на комисијата, во чија работа учествува со два члена. При тоа беа презентирани информации за политиките, буџетите, цените и контролата.

Како што беше кажано, Фондот финансира здравствени услуги во интервентна кардиологија, популарно балонирање и стентирање, исклучиво во јавно здравство, додека кардиохируршки и васкуларна хирургија интервенции покрај во јавното здравство се финансира и во две приватни здравствени установи.

– Интервентна кардиологија најмногу се работи на Клиниката за кардиологија Скопје, како и КБ Тетово, СБ Охрид, КБ Штип и КБ Битола и во помал обем ГОБ септември и ОБ Струмица. Кардиохургија најмногу се работи во двете приватни болници Жан Митрев и Аџибадем Систина, како и Државна кардиохирургија, додека васкуларна се работи и на Клиниката за торакална и васкуларна хирургија. Вкупниот буџет во 2025 година за петте специјализирани болници (Клиника за кардиологија, за кардиохирургија, СБ Охрид, Аџибадем Систина и Жан Митрев) изнесува над 2.4 милијарди или околу 40 милиони евра, а вклучувајќи ги другите надминува 45 милиони евра. Од тоа околу 26 милиони евра се во јавно здравство, а 19 милиони во приватно здравство. Буџетот за 2025 година е поголем за околу 400 милиони денари од тој во 2022 година – кажаа надлежните.

Клековски рече дека во 2025 издвоиле 2.475.962.013 само за кардио и кардиохируршки установи, за приватни и јавни здравствени установи.

– Треба да бидеме свесни дека од кардиоваскуларни болести, смртноста е околу 60 отсто од вкупниот морталитет – додаде тој.

Во врска со цените, беше кажано дека Фондот има единствен ценовник за здравствени услуги и за јавно и за приватно здравство.

– Морам да кажам дека нашата улога како купувач на услуги, е да обезбедиме доволен број услуги, да нема листа на чекање, а цените важат подеднакво за сите. Значи, немаме различни ценовници за јавно или за приватно здравство – појасни Клековски.

Во 2024 година биле извршени вкупно 9.404 интервенции од кои 6.876 во јавно здравство и 2.528 во приватно здравство. Во 2024 година биле извршени 418 интервенции помалку од 2023 година (тогаш имало 9.822). Ова се податоци само за услуги платени од Фондот, без приватно платени услуги.

– И на крај, Фондот, врши редовни контроли во сите поголеми јавни и приватни здравствени установи. Во последната контрола во приватна болница контролирани се 30 случаи во периодот март-мај 2025 година. Во периодот 2022-2024 имало девет претставки, сите за приватно наплатени средства – додаде тој.

Тој, одговарајќи на новинарско прашање, кажа дека добиле девет претставки за што извршиле контрола во приватните болници.

– Сите девет претставки се за васкуларна хирургија и сите девет се за приватно наплатени средства. Морам да кажам дека во васкуларната хирургија има листи на чекање и тие некогаш изнесуваат неколку месеци, зборувам за фондовски операции и некогаш пациентите одбираат да одат преку ред, да не чекат ред, за Фондот и тогаш потпишуваат изјава дека се согласни да бидат оперирани на сопствена сметка – додаде Клековски.

Нашиот дел од работа е тоа што го финансираме, потенцира Клековски, тоа што Фондот го плаќа.

– Севкупната работа на здравствените установи ја регулира Министерството за здравство и соодветниот инспекторат – одговори тој на новинарско прашање.

Во 2025 година имало два случаи на трансплантација на срце. Едниот бил завршен, наша пациентка имала трансплантација на срце во Загреб.

Клековски беше прашан зошто тоа не било изведено во нашата држава.

– Мислам дека беше дете под 13 години и тука не се нафаќаше никој да сработи – одговори директорот на ФЗО.

Прашан за недостиг од лек на Онкологија, Клековски рече дека нема таква информација од Онкологија.

– Ние ги обезбедивме сите неопходни услови да ги има сите лекови – дециден беше директорот на ФЗО Клековски.