Новиот предлог закон за родова еднаквост се повикува на правата на жените, но суштински се фокусира на правата на трансродовите индивидуи, посочи академик Катица Ќулавкова во обраќањето на сенародниот собир пред соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје, во организација на МПЦ-ОА, пренесува „Макфакс“.
– Се прави конфузија помеѓу поимите пол и род. И во самиот закон за родова еднаквост се мешаат категориите пол и род, поради што законот не може да биде одржлив. Трансродовата концепција поттикнува променливост на идентитетот. Ги загрозува правата на жената. Конфликтна е и се служи со говор на омраза. Трансродната приказна ги релативира идентитетите, до тој степен што ги укинува – рече Ќулавкова.
Таа праша и зошто треба да се парадира со интимата. Децата, вели академик Ќулавкова, уште не научиле да се изразуваат, без изградена самосвест, веќе се предмет на едукативно моделирање на умот. Тие не се свесни за замките од промената на биолошкиот пол.
Таа рече дека веќе се чувствуваат последиците и оти е време за сериозен дијалог.
– Неолибералниот наратив на виножитото требаше да ги симболизира нијансите на идентитетот, со цел да нема дискриминација, а за жал воведува нова дискриминација – рече Ќулавкова, додавајќи дека маргиналните појави стануваат авангардни.
Таа говореше и за вредностите на Западот, каде, како што рече, се случува позитивна дискриминација по трансродова основа.
Се доделуваат финансии на проекти што ги засегаат трансродовите лица, приоритети на ЕУ стануваат трансродовите инденти, а тоа се бара и од аспирантите за членство и земјите-членки, според Ќулавкова.
Приказната за женските права на опшстествена еднаквост со правата на мажите е тажна приказна, оцени таа, објаснувајќи дека кон крајот на 20-от век таа приказна се поткрепи академски и научно со феминистичките студии. Но овие студии за кратко време се претворија во родови студии, нудејќи нова приказна, маргинилизирајќи го основниот идентитет на жената и мажот. По родовите студии следи приказната на трансродовите идентитети, со што симпатичната бајка за рамноправност на жените се трансформираше, оцени академик Ќулавкова на денешниот собир.