„Како чука саатот да го слушнам, да го слушнам, а да воздивнам, во чаршија стара да прошетам, во меана да се напијам. Прилепе, граде најмил си, ти ги чуваш мојте спомени“. Ова се дел од стиховите на неофицијалната химна за Прилеп, испеана пред точно 30 години, од пејачот Гога Зафироски, кој кога би бил жив денес би имал 100 години. Во песната се спомнува познатиот прилепски саат, односно Саат-кулата изградена пред точно 200 години
Двесте години прилепска Саат-кула: еден човек, една песна, еден саат и еден град (1)
Според единствениот чувар на прилепската Саат-кула и единствениот саатчија што знае и може да го одржува механизмот на часовникот, мајсторот Димитар Чучуроски, саатот е најзначајниот симбол на Прилеп. Секако со ова ќе се согласат најголем дел од прилепчани, а многумина што доаѓаат од други градови, велат дека прилепската Саат-кула е една од најубавите во земјава.
Саатот – прилепската крива кула
Саат-кулата во Прилеп, денес споменик на културата, е изградена меѓу 1825 и 1826 година. Подигната е од Саид-ага, а вкупната височина достигнува 55 метри. Направена е од градителите Христо Тасламиче, Петре Лауцо и нивната тајфа. Денешниот облик, изграден врз шестаголна основа, датира од 1858 година, бидејќи претходно на истото место постоела дрвена саат-кула, која изгорела во силен пожар што зафатил голем дел од чаршијата.
Низ годините, низ прилепската чаршија се испреплетени разни приказни за настанувањето на Саат-кулата. Една од нив, запишана од прилепскиот актер и писател Благоја Алексоски, раскажува дека прилепскиот еснаф собирал пари за изградба на Саат-кулата, а пред тоа побарал дозвола од агата, кој дал одобрение, но со услов таа да не биде повисока од џамијата. Меѓутоа, во изградбата, сепак Саат-кулата ја надминала висината. Информацијата стигнала до Саид-ага, а прилепскиот еснаф стравувал дека ќе биде срушена. Меѓутоа тој донел решение кулата да остане, но тефтерот во кој било запишано кој прилепски трговец колку пари дал за изградбата да биде запален, а да стои дека Саид-ага ја подигнал кулата. Така и било.
Истрошен од времето, саатот, како што го нарекуваат прилепчани, почнал да се накривува. Искривувањето достигнало 117 сантиметри и постоела опасност од уривање. Мерењата започнуваат во 1985, кога конзерватор-советничката Василка Печијареска и професор Борис Чипан изработуваат проект за конзервација. Тој се реализира во 1986 година. Потоа следуваат неколку интервенции за санација и стабилизација, кои ги прават архитектите од Заводот и музеј – Прилеп. Денес Саат-кулата е во стабилна состојба.
Љубовта кон Прилеп на саатчијата Чучуроски го одржува функционирањето на механизмот
Сто пет скали нѐ водат до подоцна наместеното ѕвоно, преку кое Саат-кулата не само што го мерела туку и го означувала минувањето на времето. Меѓутоа по долгогодишно беспрекорно функционирање, дошло до расипување на механизмот на часовникот, па речиси две децении, сѐ до 2013 година, тој не бил во функција. По едвај преживеаната тешка здравствена состојба, саатчијата Димитар Чучуроски одлучува да преземе чекор за поправка на механизмот.
– Од април до септември 2013 година работев на поправка на механизмот. За помладите генерации, кои не знаеја дека воопшто некогаш саатот работел, неговото повторно функционирање наиде на воодушевување. Многумина сограѓани ме сретнуваа упатувајќи ми пофални зборови бидејќи, според нив, со тој мој потфат сум го оживеал градот – раскажува мајсторот Чучуроски.
На секои три дена, со своите 74 години, Чучуроски ги искачува сто и петте високи и стрмни камени скали од Саат-кулата за да го контролира работењето на механизмот. Веќе е изморен, но љубовта кон Прилеп и кон саатот досега одолеваат на мачнината што ја задаваат годините. Жал му е што ниту еден саатчија, па ниту еден млад човек не сака да го научи принципот за штелување и одржување на механизмот на часовникот во Саат-кулата.
– Пред неколку години, по повод објавувањето на публицистичката книга „Старите занаети во Прилеп“ на новинарката м-р Моника Талеска, присуствуваа околу 130 ученици од средните стручни училишта во Прилеп. Моето излагање сите го следеа со интерес. Но кога побарав доброволец за да го обучам да може да ме замени, не се јави ни едно дете. Се чудам како може ниту еден граѓанин на Прилеп да не се заинтересира за ова – со жалење констатира Чучуроски.
Во Прилеп постојат само уште три занаетчии што се занимаваат со саатчискиот занает, но не се заинтересирани за одржување на механизмот на прилепскиот саат.
Да го слушнам, а да воздивнам…
Неколку години подоцна, по поправката на механизмот, Чучуроски добива идеја да внесе некоја новост, па одлучува со „Песна за Прилеп“ испеана од прилепчанецот Гога Зафироска, секој ден да го означува пладнето во Прилеп. При случајна средба со синот на Гога, Сашо Зафироски, кој е автор на текстот на споменатата песна, Чучуроски добива одобрение од Општина Прилеп и со тоа идејата станува реалност, а за прилепчани музичко разведрување и збогатување на пријатната пазарна врева.
Последниве месеци, поради гром, е направено оштетување на појачалото и ниту песната се слуша ниту ѕвоното бие за да го почне и да го заврши денот во градот под Марковите Кули. Прилепчани се како без компас кога не го слушаат срцето на градот, но имаат надеж дека токму годинава кога се навршуваат 200 години од изградбата на Саат-кулата, овој проблем ќе биде надминат.
продолжува