За справување со пожарите во летниот период, Владата со Оперативниот план за 2025 година предвидува вработување на 400 пожарникари.
Како што соопштија денеска од владината прес – служба, со оваа мерка Владата сака да постигне навремена и брза реакција на спречување на пожарите кои се најприсутни во летниот период.
– Пожарникарите даваат натчовечки напори за борба со огнената стихија, ризикувајќи ги сопствените животи за да спасат други човечки животи, животната средина и други материјални добра. И токму затоа сè со цел превенција од шумските пожари овие 400 лица ќе се вработат во општините каде што има најмногу потреба – се наведува во соопштението.
Воедно, Оперативниот план за вработување за 2025 опфаќа и вработување на 600 невработени лица кои ќе бидат ангажирани за јавни работи и општински проекти од инфраструктура и заштита на животната средина на локално ниво.
– Со ова придонесуваме кон превенција и заштита од пожарите, како и заштита на животната средина и здравјето на сите граѓани. Како Влада остануваме целосно посветени во носење на одлуки и проекти во интерес на граѓаните. Здравата животна средина и заштита на здравјето на граѓаните, но и заштита од вакви катастрофални појави во летниот период е наш приоритет. Владата работи на целосна трансформација на државата – се додава во соопштението од владината прес-служба.