Градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски и министерот за здравство Азир Алиу денеска потпишаа договор за соработка помеѓу Општината и Министерството за здравство, со кој јасно се дефинираат обврските на двете институции за изградба на нова амбуланта во Автокоманда.
– Нова амбуланта во Автокоманда станува реалност. Започнуваме постапка за реализација на едно од клучните барања на жителите од Автокоманда – нова, модерна и функционална амбуланта. Со овој договор го трасираме патот кон нова амбуланта во Автокоманда, со што старите бараки ќе заминат во историјата – се посочува во објавата на Општина Гази Баба во Фејсбук.
Градежните активности на терен се очекува да почнат во првата половина од следната година.
– Со ова значително ќе се подобрат условите за здравствена заштита, граѓаните ќе добијат поквалитетни услуги, а медицинскиот персонал ќе работи во помодерна и побезбедна средина. Работиме за граѓаните – одговорно, чесно и посветено. Ветувањата се реализираат – соопштија од Општина Гази Баба.



































