Неодамнешната одлука на Советот на ЕУ да обезбеди помош од 50 милијарди евра, како и изгледите за обезбедување на околу 90 милијарди долари од страна на американскиот Конгрес, се сметаат за соодветен правец на дејствување, истакна претседателот Стево Пендаровски, во обраќањето на пленарната сесија на Самитот Украина – Југоисточна Европа, што се одржува во Тирана.
-Северна Македонија беше меѓу првите нации што и пружи воена, техничка и хуманитарна помош на Украина. Досега имаме испорачано 12 пакети помош, со вкупна вредност од 60 милиони евра – рече претседателот.
Пендаровски, како што соопштија од неговиот Кабинет, нагласил дека заедно со нашите НАТО сојузници и со истомислениците, ќе продолжиме да се спротивставуваме на нападот врз независноста на Украина, барајќи одговорност за сите извршени злосторства со цел да се обезбеди правда за жртвите и нивните семејства.
-Денес од Тирана, мора да ветиме дека и натаму ќе ја пружаме нашата непоколеблива поддршка, се додека не се постигне мировен договор, кој ќе ги одрази аспирациите на украинскиот народ. Покрај тоа, подготвени сме да ја поддржиме Украина во слободното исцртување на нејзиниот иден курс, вклучително и нејзината желба за интеграција во Европската Унија и во НАТО – порача претседателот.
Тој истакна дека веќе една деценија, херојскиот украински народ е доказ за огромна жртва, издржливост и непоколеблива верба во победата на доброто над злото.
-Мора да разбереме дека, всушност, борбата за слобода на Украина се води во име на целиот демократски и цивилизиран свет. Во овој критичен момент, влогот за сите нас е огромен и ги надминува географските граници, одекнувајќи секаде каде што постојат мирни демократски општества- рече претседателот.
Успехот на украинските вооружени сили, оцени Пендаровски, не зависи само од нивната решителност и храброст да се спротивстават на агресорот, туку и од многу потребната финансиска, логистичка и воена поддршка што ја даваат пријателските народи.
-Наспроти загриженоста за исходот од изборите во САД и ЕУ, како и можните последици од настаните во Украина, треба да ни биде јасно дека ниту една одлука, спротивна на волјата на украинскиот народ, нема да ги постави темелите за мир. Ваквите дејствија само би служеле за озаконување на насилството и свирепите дејствија извршени во претходните години. Анексијата на Крим пред една деценија треба да послужи за сите нас како суров потсетник: олеснувањето не успеа да го запре конфликтот – наместо тоа, ја охрабри Русија да ги повтори своите агресивни модели на дејствување во источна Украина – заклучи Пендаровски во своето обраќање на пленарната сесија на Самитот Украина – Југоисточна Европа во Тирана.