Разговор со Кармен Костова, сопруга на маестро Кире Костов
- „Кире Костов не е Кире на Кармен, туку Кире на Македонија. Тоа е Кире Костов кој создал 700 композиции, снимил 5.000 минути музика како трубач, извадил една генерација студенти. Покажан е на многу полиња во музиката. Не е битна поддршката, битна е историјата. Сите сакаме да се идентификуваме со зборот Македонци, но ако не ја чуваме историјата со што ќе докажеме нашата македонштина? Оваа монографија е доказ за тоа. Доказ за она што го има Македонија, што е направено во Македонија во еден период“, вели Кармен Костова во разговорот за Нова Македонија
Синоќа во книжарницата Литература.мк во Дајмонд мол во Скопје, се одржа промоција на монографијата „Кире Костов-македонски инструменталист, композитор, диригент и педагог“ од Снежана Анастасова Чадиковска и Марко Коловски. Станува збор за дело кое содржи околу 250 страници и претставува сведоштво за творечкиот опус на еден од најистакнатите македонски композитори Кире Костов (1949-2023) – од првите композиции, преку долгогодишната работа во Танцовиот оркестар на МРТ, до неговите најпознати песни како „Летај галебе“, „Твоите очи сине“, „Тајно моја“, „Кога те нема“, „Што те нема“, „Бела птица“ и многу други, кои претставуваат македонско музичко наследство. Во првиот дел е претставен животот на Кире Костов со повеќе соговорници, неговите пријатели и соработници, а во вториот е опфатено неговото творештво.
Објавувањето и претставувањето на монографијата, како и предстојниот концерт во чест на маестро Кире Костов, беа повод за разговор со неговата сопруга Кармен Костова, пијанистка и педагог, по чија иницијатива се реализираат овие два значајни случувања за македонската музичка историја. Низ речиси едночасовен разговор, проештавме по нејзините спомени за Кире Костов, како врвен музичар, инстументалист, музички педагог, диригент но и како колега, сопруг, татко, сосед…
Како созреа и како се реализираше идејата за создавање на монографијата за Кире Костов?
-Виновник за создавањето на монографијата e Емилија Муакетова, жена на која цел жвот ќе и бидам благодарна. Таа ме посоветува дека кога станува збор за концертот, тоа е настан за кој ќе се зборува одредено време и ќе се заборави, а монографијата е нешто што останува засекогаш. Во моментот додека ја слушав ми стана јасно и почнав да го барам материјалот. И мора да се направи дигитализација бидејќи ако ја нема тоа ќе биде многу голем пропуст на државава. Не е едноставно да се издаде ваква монографија која има опус кој бара посветено истражување. При телефонските разговори со музичката публицистка Снежана Анастасова Чадиковска, една од авторите на монографијата, често ќе ми речеше „еве другарувам со твојот сопруг“.
Имаа ли надлежните институции слух за овој потфат и наидовте ли на поддршка?
-За жал, немаме поддршка од државата за монографијата, а концертот во чест на Кире Костов е поддржан од Министерството за култура. Но, тоа го ценам како нивни минус. Кире Костов не е Кире на Кармен, туку Кире на Македонија. Тоа е Кире Костов кој создал 700 композиции, снимил 5.000 минути музика како трубач, извадил една генерација студенти. Покажан е на многу полиња во музиката. Не е битна поддршката, битна е историјата. Сите сакаме да се идентификуваме со зборот Македонци, но ако не ја чуваме историјата со што ќе докажеме нашата македонштина? Оваа монографија е доказ за тоа. Доказ за она што го има Македонија, што е направено во Македонија во еден период. Ќе оставиме критиката да го пофали или да го критикува, но фактите остануваат.
Но сепак, вие успеавте да ја остварите целта…
-Среќна сум за тоа, но од друга страна сум многу разочарана. Оваа монографија не се создава од вчера. На неа се работи околу две и пол години. Ова не треба да е моја иницијатива, ова треба да биде инцијатива на општеството. Од таму треба да потекне и иницијатива за дигитализација на творештвото не само на Кире Костов, туку на целото македонско творештво, како што на пример е опусот на Живоин Глишиќ, Славе Димитров, Илија Пејовски, Властимир Николовски, Тома Прошев, Љупчо Константинов… Тоа е нашата историја. Тоа се дела, аранжмани пишувани со молив кои пропаѓаат и бледеат. Наскоро ќе ги нема. Не мислам дека треба да барам врски за ова. И јас на еден начин и Кире Костов на друг начин, а сега и нашите ќерки, на свој начин, оставаат печат во ова општество. Јас не се борам за еден човек. Јас сум музичар и се борам за музиката, за историјата, за македонштината.
„Нашата љубов се роди уште во средношкослките клупи во Битола. Ние растевме двајцата, многу се сакавме, многу се почитувавме. Тој беше цел за мене кога тоа мене ми требаше, а јас бев цела за него кога тоа нему му требаше. Премолчено се разбиравме. Се разбиравме со очи и со очи се простивме“

Ајде да се навратиме малку низ времето и да си припомнеме за маестрото. Како негова средношколска љубов и животна сопатничка, веројатно најдобро знаете кој е Кире Костов.
-Нашата љубов се роди уште во средношкослките клупи во Битола. Ние растевме двајцата, многу се сакавме, многу се почитувавме. Тој беше цел за мене кога тоа мене ми требаше, а јас бев цела за него кога тоа нему му требаше. Премолчено се разбиравме. Се разбиравме со очи и со очи се простивме.
Пред да се омажам за него, неговиот пријател, композиторот Драган Ѓаконовски Шпато ме предупреди дека доколку сакам да се омажам за него, треба да сфатам дека кај Кире музиката е на прво место. Тогаш, не сфатив што ми кажа Шпато, бидејќи најважно ми беше да бидам со човекот во кого бев вљубена. Подоцна сфатив, но човек што знае да љуби, има љубов за се.
Кај него немаше ниту надменост, ниту суета. Беше многу едоставен и спонтан. Го сакаше животот, го сакаше рибарењето… Често го прашував: „Што правиш на тоа рибарење?” , а тој ми одговараше дека го празни умот од ноти. Беше омилен во влезот, омилен меѓу луѓето, шегобиец. Исто така извонредно црташе карикатури. Нацрта и автопортрет кој е публикуван во монографијата за него. Имаше свој свет. Нему не му беше важно да покаже големина. Беше многу едноставен за комуникација.

Дали животот со музичкиот гениј вашата кариера ја стави во втор план?
-Не, во никој случај. Јас имав свој музички пат, а Кире Костов и музиката беа едно. Во некои семејства се јавува престиж, но јас знаев дека тој е извонредно талентиран и дека музиката извира од него. Неговата кариера не беше на штета на мојата, јас се посветив на она што го работам како педагог, но не можев да се посветам на инструменталната дејност. Кога двајца премногу сакаат исто нешто, невозможно е да го остварат тоа во рамките на едно семејство. Осум години бев раководител на клавирскиот оддел во ДМБУЦ „Илија Николовски Луј“. Мене секогаш ми било важно да го фатиме правиот пат во музиката и мислам дека успеав. Во мое време „никнаа“ имињата Симон Трпчески, Марија Ѓошевска, Нина Костова, Иво Настевски, Кристина Светиева, Илинка Манова, Панде Шахов, Дарко Костовски. Чувствував дека сме талентирани, но ни требаат искуства од понапредните центри како што е Москва, на пример. Почнав да работам со многу семинари и се трудев на сите деца што се над просек да им се обезбеди доволен простор на сцена. Органзиравме турнеи, мостови на пријателство со Истамбул, Софија и Рим и тоа им беше поголем поттик за да работат. Мене сега, ми останува да се гордеам со фактот дека сите тие ученици се признати на домашната и на меѓународната сцена.
Колку вашата професија влијаеше и вашите ќерки да се занмаваат со музика?
-Тие пораснаа со музика и нивниот избор беше спонтан и логичен. Сите заедно меѓусебно сме се консултирале за музиката. Секако Кире беше централна фигура во нашето семејство во однос на музиката и тој беше најмеродавниот критериум. Сега е време кога јас се консултирам со нив. Од денешен аспект не ми е криво, и едната и другата во својот професионален пат имаат видливи резултати. Ана Костадиновка е пратечки вокал на многу познати имиња, а е добар професор и успева да оствари резултати и во творечката односно сценската дејност. Помалата ќерка Нина е професор на Факултетот за музичка уметност во Скопје и е концертен пијанист.
„Секоја композиција ја работеше со пејачите. Тоше Проески кај нас доаѓаше секој втор ден. Работеа постојано на пеењето, на интерпретацијата, на изговорот. Исто беше и со Каролина Гочева. Тој беше восхитен од неа и го потсетуваше на Витни Хјустон. Секоја негова нова композиција „ја убиваше“ претходната, ја надминуваше ја надраснуваше“

Монографијата првпат беше претставена пред јавноста на Радио Бубамара, а потоа на првата промоција во Битола, кадешто спомнавте дека Кире Костов имал посебни барања во однос на условите при неговото творење. Каква беше атмосферата за време на создавањето на композициите?
-Кире многу често беше во создавачка фаза, а креираше на многу интересен начин. Песните му зрееја во главата и му требаша тишина. Ќе му речев „оди седни на клавирот и заврши ја работата“. А тој ќе ми одговореше: „Мораш да ме разбереш дека ми треба целосна тишина за да ја создадам композицијата во глававa“. Тогаш сѐ го нервираше. Знаеше да забележи: „Аман нема мир од вас“. Ќе им кажев на децата да не му се лутат и да сфатат дека тоа е момент на создавање. Откако ќе завршеше, дома можеше да има и свадба, но тој веќе беше успокоен. Уживаше во музиката. Знаете, тоа што го сакате, го правите без разлика дали го забележал некој или не. Тој мораше креативно да се празни и имаше неспокој додека не ја извади таа внатрешна енергија која ја имаше многу често. Имаше извонреден естетски вкус во создавањето на паритурата. Секоја мелодија има своја промелодија, а кај него аранжманот не е само хармонски склоп туку разговор на пејачот со некој музички инструмент.
Имаше ли визија која композиција за кој пејач ја создава?
-Кога имаше направено песна, тој го повикуваше пејачот дома, го проверуваше неговиот опсег на гласот и секогаш композицијата ја приспосообуваше на начин што ќе го извади максимумот од пејачот. Секоја композиција ја работеше со пејачите. Тоше Проески кај нас доаѓаше секој втор ден. Работеа постојано на пеењето, на интерпретацијата, на изговорот. Исто беше и со Каролина Гочева. Тој беше восхитен од неа и го потсетуваше на Витни Хјустон. Секоја негова нова композиција „ја убиваше“ претходната, ја надминуваше ја надраснуваше. Има многу заборавени песни кои и сега би биле еднакво актуелни. Имам желба да се направат кавер песни на некои подзаборавени негови композиции.
„Кај него немаше ниту надменост, ниту суета. Беше многу едоставен и спонтан. Го сакаше животот, го сакаше рибарењето… Често го прашував: „Што правиш на тоа рибарење?” , а тој ми одговараше дека го празни умот од ноти. Беше омилен во влезот, омилен меѓу луѓето, шегобиец“

Претстои концертот на 11 ноември во Националната опера и балет во чест на Кире Костов. Што може да очекува публиката од овој концерт?
-На концертот учествува една плејада на македонски етаблирани и млади пејачи и музичари, а пак пејачка од Јапонија ќе пее на македонски јазик, што ќе биде своевидно изненадување на вечерта. Диригент е Сашо Татарчевски, а режисер Дејан Пројковски. Музиката на Кире предизивкува емоции па сакам сите луѓе кои ќе бидат присутни на концертот да ги почувствуваат и радоста и тагата и љубовта и песната како песна.