Согласно годинашната Програма за поттикнување на потрошувачка на свежо овошје, околу 38 илјади деца од сите градинки во државата ќе добиваат домашно и квалитетно овошје. Издвоени се 40 милиони денари за набавка на околу 880 илјади килограми домашно овошје. Во текот на три месеци, секое дете ќе добива еден килограм овошје неделно, односно по два вида овошје неделно, кое ќе се консумира во градинките како дел од дневната ужинка, рече министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски кој денеска ја посети градинката „Срничка” во општина Аеродром.
Според министерот, првпат се предвидени и количини овошје од органско потекло, што претставува дополнителен квалитет во исхраната на најмалите.
-Децата заслужуваат „Македонско најдобро“ од најмала возраст. Секое дете заслужува здрава исхрана, а секој земјоделец заслужува поддршка. Заедно градиме здрава иднина за децата и одржлив развој за македонското земјоделство – истакна Трипуновски.
Оваа Програма, дополни, претставува инвестиција во здравјето на најмалите, градење навики за здрава исхрана од најрана возраст и конкретна поддршка за македонските земјоделци.
-Преку директната набавка на домашно овошје, Министерството придонесува за зајакнување на земјоделското производство и обезбедување стабилен пазар за земјоделците – подвлече Трипуновски.
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и во нередниот период ќе продолжи со реализација на Програмата.



































