Фото: З.А.

Во втората половина на август потрошувачката на кичевскиот зелен пазар опаѓа, а на разочарување на потрошувачите цените се повисоки. Така во пазарниот ден во Кичево цената на доматот се движеше од 60 до 80 денари, пиперката од 50 до 80 денари, грозјето се продаваше по цена од 70 до 80 денари, праските 50 денари, компирот се продаваше за 30 денари, колку што чинеше и килограм бостан. Продавачите беа незадоволни од остварениот промет бидејќи фреквенцијата на зелениот пазар беше далеку помала споредена со претходните години. Топлото и без врнежи време придонесе и квалитетот на зеленчукот и овошјето да бидат под повеќегодишниот просек.

– Годинава не можеме да се пофалиме со квалитетот на нашето овошје и зеленчук. Причината лежи во екстремно високите температури во текот на летото и сушата што беше присутна во изминатите речиси три месеци. Исто така, нашите очекувања да добиеме поголеми количества на овошје и зеленчук не се остварија – вели Миле Јованоски, земјоделец од кичевско.

Фото: З.А.

Купувачите се по малку изненадени од висината на продажните цени и потсетуваат дека овие цени се над повеќегодишниот просек.

– Покрај недоволниот квалитет што моментално се нуди на нашиот зелен пазар зачудуваат и високите цени кои се над просекот за овој дел од годината. Токму високите цени се причина пазарот да го завршиме со помали количества на неопходните продукти и покрај нашите планови дома да однесеме доволни количества зеленчук со кои ќе можеме да ја поминеме цела седмица – вели Драган Тренкоски, редовен посетител на зелениот пазар. З.А.