Кичевската коњаница на свјот пат кон Илинденско Крушево, денес рано изутрина тргна од селото на големиот војвода Јордан Пиперката кон село Велмевци, попатно посетувајќи ги селата Белица и Прострање.
Во 8 часот гостопримливите домаќини на село Белица на коњаницата и приредија свечен пречек зачинет и со доручек во црковната трпезарија од црквата „Свети Ѓорѓија“. Како и доликува коњаницата попатно го посети и споменикот на војводата Јордан Пиперката и неговите соборци. Крајот на денот коњаницата го има вечерва во село Сопотница каде и ќе ноќева.
На третиот ден од годинешниот Илинденски марш, денот го започнавме од село Козица каде ноќевавме а попатно ги посетивме селата Белица и Прострање. Гостопримливите Беличани за коњаниците приредија доручек во трпезаријата од селската црква„ Свети Ѓорѓија“. Во 11 часот коњаницата пристигна во село Велмевци од каде се упати во месноста Церешна каде се поклони пред споменикот на големиот војвода Јордан Пиперката и неговите соборци. Попладнево коњаницата преку Суво Поле и Брезово се упати за Сопотница каде во 20 часот е организирана Комитска вечер а за доброто расположение на гостите задолжена е групата на Марко Трпчевски-истакна војводата на Кичевската коњаница, Мите Мечоски.
Инаку во изминатите дваесетина години Кичево е вистински крстопат за коњаниците кои пропатуваат за Илинденско Крушево. Така денес Кичево и црковниот храм „Свети Петар и Павле“ ги посетија коњаницата „Бигорски Манастир, патот на црешовото топче“ која своето патешествие го започна од село Зубовце гостиварско.