Фото: З.А.

Трендот кој последните десетина години е присутен во Кичево предизвика забрзано празнење на градот, а најдобра потврда за тоа е кичевската чаршија која и во работните денови е речиси празна. Единствено забележливо е присуството на најстарите жители на градот, претежно пензионери, кои дел од своето слободно време го трошат во прошетка низ кичевската чаршија. Купувачи има се помалку и тоа им претставува проблем на сопствениците на бутиците и продавници од секаков вид, бидејќи се случува со часови да не влезе ниту еден муштерија.

-Она што се случува во нашиот град е вистинска трагедија, затоа што заминувањето на младите на запад, придонесува градот да биде се попразен и попразен а тоа се рефлектира и врз фрекфенцијата и прометот во нашиот дуќан. Ако вака продолжи, а не гледам дека ќе биде подобро, тогаш нема да биде воопшто за чудење ако барем половина дуќани во кичевската чаршија не се затворат. Во последните неколку години голем број дуќани се затворени, а на главната улица во Кичево за многу краток период движењето е тотално намалено а катанецот ги стигна стотина трговски дуќани-вели Ацо Петкоски, трговец кој повеќе од 40 години има сопствен дуќан во кичевската чаршија.

И во пазарниот ден, поточно сабота чаршиајта е тотално празна и единствено по некој гостин може да се забележи во угостителските објекти.

Истата судбина ги чека и поголемиот дел преостанати дуќани , гласно размислуваат повеќето трговци од Кичево. З.А