Православните верници од Кичево денеска по 13. пат организираа Бадникова поворка со која го најавија празникот на Христовото раѓање – Божиќ. Поворката, која годинава беше со рекорден број учесници, тргна од Црковниот храм „Св. Петар и Павле“, преку улиците „Маршал Тито“, „Борис Кидрич“, „Рудничка“ и „Булевар Ослободување“, па се до Градскиот плоштад каде свештениците на децата од поворката им поделија подароци.
– Прекрасна е глетката кога Бадниковата поворка ја сочинуваат толку многу деца. Тие ја пееја црковната песна „Вечниот Бог“, додека граѓаните ја поздравуваа поворката и го честитаа големиот празник – ни изјави Крсте Тренески, верник од Кичево, кој денеска беше меѓу бројните кичевчани кои излегоа да ја поздрават поворката и доаѓањето на Божиќ.
Одбележувањето на Бадник во Кичево продолжи со концерт на црковниот хор „Митрополот Козма Пречистански“ на Градскиот плоштад, каде за верниците беа поставени осветените бадникови гранчиња.