Кибермедицина – што ни порачуваше професорот Хрисохо

Став

Неодамна на Хистори ТВ ја покажаа состојбата на медицината во Европа и светот, која е разочарувачка. Франција е на респиратор и болничките капацитети се сведени на половина, доктори си одат, исто паѓа и Англија каде што некогаш медицината беше на врвот. Анализите се одложуваат до бескрај, цените се супервисоки, некогаш одиш во неколку града за разни фази на третманот. Воопшто не е како што беше. Сепак, ние може да имаме пристојна медицина

Проф. д-р Самуел Садикарио Колономос

Овој текст му го посветувам на професор д-р Димитар Хрисохо, кој пред повеќе од 50 години велеше дека вештачката интелигенција ќе ја води медицината. Извинете професоре и пријателе што тоа не го направивме ние, туку некој друг на друго место. Дали во иднина докторите ќе изгубат работа – ќе видиме. Ми велеше – барај максимум во животот, не задоволувај се со малку. Во седумдесеттите години измисливме систем од „фази неврони“ (веднаш по Задех-Мински) за моделирање на мозокот. Мозокот е систем. Системите се мозоци. Мозокот е нелинеарна машина на учење. Секој систем е модел на мозок – па може и здравствениот систем. Министерот е кибернетичар, тој може да го сфати ова. Мозочните регии ги делиме на супкортекс (палеокортекс), кој постои милијарда години, и се состои од таламус, понс, стебло, ганглии, рострум, рубрум, лимбикус, амигдала, хипокампус, субикулум итн. и е важен за преживување со основни примитивни функции (дишење, јадење, срце, синхроност, одбрана итн.) и второ – неокортекс создаден пред 1-2 милиони години за когнитивни и креативни функции. Предниот дел наречен „претфронтален“ одредува дали ќе бидете гениј како Ајнштајн или Пикасо, или како сите обични луѓе. Со дразнење на тој дел, прво реагира визуелниот центар (заден мозок). Значи, когницијата (менталност) е најмногу врзана со „слики“. Математиката постои пред азбуките. Овие невронски структури (роеви) може да се сведат на два вектора – неокортекс и археокортекс. Мојот другар Хари Блум смисли нееуклидски простор на мозокот – како космосот. За жал, рано почина. Замислете – космосот е мозок. Мозокот е принцип. Со големиот Леон Купер за армијата предложивме вештачки мозок од роеви на дронови како неврони во комуникација, кои се самоорганизираат, за заштита од кој било проектил. Од ДАРПА ни рекоа дека ја прифаќаат идејата, но немаат пари за тоа. Сега користат централен систем за управување и координирање на сите воени сили со АИ – ЈАДЦМ2 или НАДЦМ.

Ова го кажувам заради сличноста со здравствениот систем, кој личи на мозок, претставен со два вектора. Археокортексот, првиот вектор е инфраструктура на здравството – болници во мрежа, како „хардвер“. А неокортексот (со префронталниот дел), вториот вектор, се докторите и сестрите, кои постојано се менуваат и креираат, или хјуристички решаваат проблеми. Може да се додаде трет вектор – метакогниција, кој креира нови концепти, патување во непознатото. Првиот вектор е постојаност – градби, болници (мрежа), амбуланти, центри, мотели за пациенти, поврзани со патишта, возила, машини итн., потоа набавки, одржување, значи „живот“ на инфраструктурата. Едно големо предупредување: постои злоупотреба и голем криминал кај овие – перење пари, нелегална трговија итн. Денес при секоја градба прашање е – „каде е мафијата“. Вториот вектор е кинетика, интелектуалната мрежа на неврони што ја врши стручната работа. База на податоци и меморија во природниот мозок се целиот мозок. Во нашиот систем тоа може да биде четврти вектор. Системот постојано се менува. Најбрзо се менува метакогницијата, и тоа континуирано.

Моделите се креација и со ВИ функционираат автоматски. Група ентузијасти, академик Дејанов, проф. Гајдов и јас („когнитивниот каубој“) измисливме иновација – вулнерабилна андерграунд популација – старци, деца, трудници, хендикепирани, заборавени – класа со нов систем – глобализам на потреби, беспартиски и бескласен капитализам. Ја прикажавме во САД и СЗО. Нѐ прими д-р Карен Нелзон, при конгресменот Ваксман, федерален референт за јавно здравство. Тогаш буквално ни кажа: „Што барате овде – па вашиот систем е подобар од нашиот. Кај вас системот се грижи за индивидуата, а кај нас индивидуата диктира – секој прифаќа федерална помош ако сака, а често одбиваат (антиваксери, опортунисти и слични недоверби)“. И кај нас секако тоа не се прифати, како и сѐ друго, бидејќи партиите се „програмирани султани“ и кокпит-петли за системски дарвинизам. Партиите се венец од трње на главата за мачење на бош-системи како нашиот. Државното здравство е на колена.
Правила од кои не смее да се отстапува. 1) Секој човек има право на лекување.

Нелекуван или ненавремено лекуван пациент е кривично дело. Човек исклучен од здравствен систем е еквивалент на роб. 2) Секој граѓанин мора да биде осигурен – системот да најде решение. 3) Забавеноста (закажувања, чекања, презакажувања од кои било причини) е директен напад на здравјето и е кривично дело. 4) Немањето материјал, апарат или експерт не е оправдание и треба да биде кривично дело. Напомена: вештачката интелигенција (ВИ) може однапред да укаже на немање лек, средство, дефект, немање лекар итн. и да укаже на навремена компензација. ВИ одредува (предвидува) секаков недостаток. 5) ВИ одредува време – за секоја интервенција веднаш! 6) ВИ предвидува секакви недостатоци, кризи. ВИ врши тријажа – одредува приоритет, каде да се насочи пациентот, каде има слободен процес и место, а може да даде и совети, како и да пронајде експерт. 7) Транспортот да биде итен – хируршки или интернистички – ургентно, заради реанимација со витални функции, операција или конзервативно лечење, процес на ЦНС, КВС, гастро, пулмо, васкуларно, психијатрија, педијатрија, гинекологија, инфективно, имунологија, хематологија итн. 8) Итните интервенции се императив (ВИ одредува-алармира) – реанимација, витални апарати, трансфузија, инфузија, анафилакса, шок, кардијак арест и зависат од брзината на интервенција (сето е во базата на ВИ). Приодот е веднаш (доктор или робот) и извештај веднаш. Доцнењето е кривично дело.

Парамедиците се важни. Плаќањето се регулира со ВИ автоматски. 9) Бедата и крајната сиромаштија се болести, а гладот е смрт. Мора да постои закон за спречување на овие. 10) Ранливите групи (види горе) се императив и за тоа е потребен нов лекс специјалис. 11) Станува актуелна „хипертерапијата“ откриена кај нас од академик Кедев – со претерана наплата на услуги, потенцирано кај приватната медицина. Тоа е епифеномен кај секој капитализам и потребна е софистицирана контрола. Може да се регулира со АИ. 11) Термините не смеат да бидат по месеци и „да нема доктор“, туку услуга веднаш, регулирано законски. 12) Рехабилитацијата – се одредува од ВИ и супервизија. Објаснување на состојбата на пациентот постојано – преку ВИ и повик на експерт. 13) Контакти со роднини и блиски – постојано (ако е можно) во посебни простории. 14) Медицинската сестра е исто толку важна за процесот. Таа учи и напредува преку пракса и само пракса – никако со вечерни курсеви или партиски препораки. Специјализација или докторат се стекнува и напредува само со пракса. Треба да има закон за сето ова. 15) Праксата е слаба точка во нашиот систем. Да се воведе пракса на студенти во ургентни, реанимациони и рурални центри уште за време на студиите – интензивно. 16) Континуираното унапредување (со бодување) е задача на ВИ. Унапредувањето е синтеза од креативност плус работа. 17) Талентираните деца посебно да се издвојат и да се форсираат (во некои земји тие предаваат, тренираат и испитуваат). 18) Јавното здравство е комплексен систем што вклучува комплетна превентива, епидемиологија, мед. разузнавање, финансии, економија, хигиена, статистика итн. Ве молам, хигиената во Клиничкиот центар да се санира (непримерна е), како и интрахоспиталните инфекции, за што кривично треба да се одговара. 19) Центрите за тешки психијатриски случаи (Бардовци, Демир Хисар, Демир Капија) се во жалосна, па и морбидна состојба. Потребни се лекс специјалис, фонд и контрола за нив. 20) Срамно е храната да биде нехигиенска и неквалитетна – кривично дело. 21) Служба „Помош“ („Help“). Објаснение: лица што се стари, изнемоштени, социјално немоќни, па и „нормални“ често мора да користат „врски“, пријатели или некаков поткуп (за жал, е реалност) за да дојдат до одреден доктор, или испитување, или операција, лек итн.

Наместо таквата „врска“, да се формира организација што ќе го врши тоа по службен пат, ефикасно, брзо, легално и евентуално со одредена наплата. 22) За лошото здравје 80 отсто сте виновни вие самите, а 20 отсто е системот. Мислете на тоа. А за Онкологија се чувствувам депресивно, бидејќи ги знам докторите. „Малите ајкули“ посакале да бидат како големите, но системот има „мрежи“ за малите ајкули. Големите се горе превисоко. Нив ВИ од моќните агенции ги открива за филмот „црни листи“.

Замислувам футуристички медицински центар како софистициран трговски центар или град, на пример НЕОМ или Телоса, или како вселенски центар со продавници атрактивни, па и луксузи, оркестри, линеарност, динамични интерфејси, вмреженост, био-кјубити, перформанси, транспортери, амбиенталности, интелигентни паркови, шуми, ИоТ (internet of things) и паметни сензори секаде, паметни мрежи, модуларни ресторани, рекреациони центри, кина, роботи, машини што сами се модифицираат и унапредуваат со модули и со помош на ВИ. Да се мисли и на психолошкиот момент. Парите ги дистрибуира ВИ според економскиот став. Во Јапонија измислиле посебни пари за здравство и здравствени банки. Сметам дека половина од средствата треба да се дадат во врвната медицина, за да биде компетитивна, да мрдне и да не останеме на последно место на Шангајската и други листи.

Неодамна на Хистори ТВ ја покажаа состојбата на медицината во Европа и светот, која е разочарувачка. Франција е на респиратор и болничките капацитети се сведени на половина, доктори си одат, исто паѓа и Англија каде што некогаш медицината беше на врвот. Анализите се одложуваат до бескрај, цените се супервисоки, некогаш одиш во неколку града за разни фази на третманот. Воопшто не е како што беше. Сепак, ние може да имаме пристојна медицина. Еден висок офицер за безбедност од САД ми рече дека ако треба да се стентира, повеќе би го направил тоа во Скопје отколку во Америка. Зошто? Па во Америка мора да оди по протоколи (гајдлајнси) и ако не се вклопува зафатот, нема да го направи, бидејќи може да го тужи докторот (скоро сигурно). Кај нас докторот ќе се потруди, ако треба и ќе импровизира само да заврши работа. Не е сѐ најлошо кај нас како што замислуваме. Добрината кај нас е врзана со традицијата (старохристијанска, староисламска и други) и се работи со ентузијазам, сѐ уште. На Запад финансиите паѓаат. Сѐ оди за Украина. Доктори се отпуштаат, не ги примаат како порано. Економската криза се нафрли и врз здравството. Нашите млади си одат – ама каде?

За крај, рековме дека докторите не би смеело да бидат политичари. Партијата ги тера и така има контрола, а се губи медицина. Многу се подготвуваат да бидат градоначалници. Се кладам дека мотивот им е пари, а не ентузијазам. Ако беше ентузијазам, ќе останеа доктори. Опасно се множат. Криза. Сето ме потсетува на комунистичките филмови „Буѓење пацова“, „Кад будем мртав и бео“, Жилниковите „Убави жени низ градот“, антихерои, или „црниот бран“, до култните „Црно семе“ и „Бал-кан-кан“. Сѐ се враќа, светот е вртелешка. Ах, „уметничките души“ – треба да ја довршат либералната теза за одумирање на државата. Да, да, тие се форензичари, вршат аутопсија на системот. Над 98 отсто од фабриките и производството се уништени со „шок-терапијата“ на транзицијата – Сакс, Балкровиц, Самерс, Фридман, нашиве итн. Како ќе се врати? Тешко. Не треба да се менува само здравството – треба целиот систем радикално да се ресетира.