Пратеничката Славјанка Петровска и министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска денеска влегоа во конфликт на пратенички прашања во Собранието. Вербалниот судир меѓу нив започна на темата околу потрошувачката кошничка и начинот на кој таа се пресметува и после изјавата на министерката дека таа не купувала грашок во конзерва и не сфаќа зошто таква храна е ставена во потрошувачка кошничка за 4-члено семејство во која има и 13 литри млеко.
-Не сакам оваа дебата со вас да ја претворам во споделување рецепти, ама следен пат кога ќе одите во маркет, а рековте дека одите често, земете и споредете време на готвење на тој грашок од конзерва кој за вас е нелогичен, и оној другиот. За вас може не е важно, ама за едно просечно македонско семејство многу е важно колку време ќе биде вклучен шпоретот. Наместо да ни држите лекции за домаќинско пазарење не е лошо да го чуеме вашиот став за намалување на патните трошоци на пратениците и зошто ВМРО-ДПМНЕ не ги поддржа – се обрати Петровска до министерката, во склоп на традиционалниот демократски инструмент за пратенички прашања, во Собранието.
На ова реплицираше Димитриеска-Кочоска која и порача на Петровска дека дури не може да ѝ каже дека таа е почитувана за неа.
-Врз основа на што вие ги ставате во уста мајките што имаат деца и како знаете вие едно повеќечлено семејство колку треба да троши? Јас сум мајка на два сина и многу добро знам колку треба да троши едно четиричлено семејство. За грашокот, и јас сакам да купам од конзерва, ама не сум сама, четири члена сме, па во најевтините маркети купувам замрзнат грашок – рече министерката од собраниската говорница.
Пратеничката Петровска и порача на министерката дека „ако имаше дно, вие го пробивте“. За неа ова биле неумесни коментари.
Веднаш стигна реакција од Форумот на жени на СДСМ кој ја осуди изјавата на министерката Кочовска нарекувајќи ја срамна, навредувачка и дискриминаторска и најдолен настан во Собранието.
Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, ја осуди денешната изјава на министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска, упатена кон пратеничката од СДСМ, Славјанка Петорвска. Филипче нагласи дека изјавата на министерката Кочоска е дрска, понижувачка, со лични дискредитации што е својствено за ВМРО ДПМНЕ.
-Шокиран сум од денешната навреда што министерката за финансии, Кочовска, ја упати кон пратеничката Славјанка Петровска. Нејзината дрска и понижувачка изјава – дека Петровска не може да знае колку троши едно четиричлено семејство затоа што нема деца ме згрози. Наместо аргументи и дебата во Собранието, сведочиме на лични дискредитации што е добро познат начин на одбрана на ВМРО-ДПМНЕ. Секогаш кога се соочени со критика, нивниот одговор не е дебата, туку омаловажување. Жалам што Славјанка повторно е мета на напади. Не така одамна беше жртва на дискредитации и лаги од страна на пратеникот Ковачки. Но, Славјанка е силна жена и врвен професионалец, човек кој секогаш се однесува со почит кон сите – за разлика од оние што ја напаѓаат.Ова не е само напад врз Славјанка – ова е напад врз сите жени- напиша на својот Фејсбук-профил Филипче.
-Јавноста одамна се умори од постојаните обиди на Славица Петровска да се претставува како жртва секогаш кога ќе биде повикана на одговорност. Наместо да даде конкретни аргументи и да се соочи со реалноста, таа секој пат користи истата стара тактика – глуми нападната и го пренасочува фокусот од суштинските прашања – реагираа од ВМРО-ДПМНЕ.
Оттаму велат дека последниот случај е уште еден доказ за ова.
– Министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, зборуваше за реалните трошоци на едно четиричлено семејство, нешто што сите граѓани го чувствуваат на своја кожа. Но, наместо аргументирана дебата, Петровска повторно избра да игра на картата на жртвата, надевајќи се дека така ќе ги избегне суштинските теми. Граѓаните заслужуваат одговори, а не лажна емпатија и театралност. Време е Петровска да престане со оваа политичка манипулација и конечно да понуди нешто повеќе од лични повреди и празни фрази – велат од партијата.