Најголемиот христијански празник Воскресение Христово –Велигден денеска го слават верниците на Римокатоличката црква.
Во земјава традиционално централното одбележување се одржа синоќа во Католичката црква „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје, каде што беше отслужена Воскресна литургија која ја предводеше скопскиот бискуп и струмичко-скопски епарх монсињор Киро Стојанов.
На литургијата присуствуваа претседателот Стево Пендаровски, градоначалничката на град Скопје Данела Арсовска, директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, Даријан Сотировски, како и голем број верници
– Христос Воскреснатиот, како и на учениците така и нам сака да ни го даде својот мир за кој копнее ова страдално човештво, но не мир кој го познава светот, туку мирот на Воскреснатиот, кој е нешто повеќе и подлабоко од само молчење на оружјето. Тоа е мир, кој непријателот го прави брат, немирот го претвора во мир, омразата во љубов, насилството во меѓусебно служење, мир кој поттикнува оружјата да се претворат во плугови (сп. Исаија 2,4)
Но без Христос не можеме да го достигнеме идеалот на тој мир. Затоа ни е потребен денес Христос во секоја пора на нашето глобално општество. Затоа денешниот ранет, егоистичен и рамнодушен човек треба да се сретне со Христос во прекршувањето на лебот и Словото, за да се отворат гробовите и да биде победено сѐ она што носи уништување и смрт на човекот, Божјото создание и целото човечко семејство.
Тука е и посланието на денешните Христови ученици: Воскреснатиот Христос денес и нас нѐ испраќа во овој свет да го даруваме неговиот мир, Радосната вест, дека смртта е победена и дека секој човечки напор за доминација, власт, собирања богатства е залудно, затоа што Христос го победи светот. Целата човечка суета ќе ја изгуби смислата кога Христос ќе дојде повторно во својата слава.
Ние сме Исусови ученици и ја имаме истата задача како и првите ученици: „Мир вам! Како што Ме прати Отецот, така и Јас ве праќам вас“ (Иван 20,21). Да бидеме радосни сведоци на Исусовото воскресение со својот живот и својот збор, каде и да сме“ – кажа во својата проповед скопскиот бискуп и струмичко-скопски епарх монсињор Киро Стојанов посакувајќи среќен празник со поздравот Христос воскресе!